ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

“ЈК Травел” ги задржала сите вработени и покрај загубите од 90 %

Туристичките агенции беа едни од најпогодените од кризата предизвикана од коронавирусот во Македонија. Со затворањето на границите, на голем број туристички агенции им беа одложени аранжманите. Некои од нив поради тоа што беа многу погодени од корона кризата, беа принудени да ги отпуштат вработените.

Но, туристичката агенција “ЈК Травел”, не е една од нив. Од туристичката агенција за порталот Работник велат дека тие за време на ограничувањата на работењето на туристичкиот сектор ги задржале сите вработени во нивните канцеларии ширум Македонија.

“Целиот овој период, еве веќе една  година ЈК Травел ги  задржа сите вработени во сите наши канцеларии и во Битола, Скопје, Штип, Кочани и Куманово”, велат од агенцијата.

Од ЈК Травел, во однос на тоа како корона кризата се одрази врз нивното работење велат дека до пред ковид кризата, оваа туристичка агенција била една од најбрзорастечките компании од областа на туризмот не само кај нас, во Македонија, туку и во поширокиот регион.

“Штетата во овој сектор, поточно ако зборуваме за туристичките агенции е огромна, овде имаме намалување на прометот за повеќе од 90% во однос на 2019 година. Ова беше тешка година за  сите нас, но моравме да се  соочиме со овој предизвик, со нови, оригинални и безбедни понуди за  нашите клиенти”, велат од ЈК Травел.

Владата во досегашните четири пакет мерки предвиде помош за туристичките агенции, која вклучуваше поврат на туристичката такса за 2019 година за поддршка на секторот туризам, како еден од најпогодените од кризата.

Владата тогаш истакна дека на 4,740 субјекти кои организирале ноќевања во 2019 година, ќе им бидат вратени 2 милиони евра, колку што изнесува вкупниот износ на туристичката такса инкасирана во таа година.

За туристичките агенции беа предвидени и грантови од 3,000 до 7,000 евра.

Корисници на оваа мерка ќе бидат 500 туристички агенции, а нејзината вкупна вредност изнесува 1,9 милиони евра за грантови од 3.000 до 7.000 евра за сите туристички агенции во зависност од бројот на вработени и од вкупниот промет во 2019 година, и во зависност од тоа дали се носители на А или Б лиценца, стоеше во мерката.

И популарната мерка позната како “14,500 по вработен”, беше достапна за туристичките агенции, исто како и таа од четвртиот пакет марки којашто се доделуваше скалесто, од 14,500 до 21.776 денари.

На прашањето на порталот Работник Колку досегашните мерки на Владата им помогнаа да се справат кризата, од ЈК Травел истакнаа дека овој период генерално бил тежок за целиот туризам, па поддршката која ја добиле од Министерството за економија била од голема помош за нив. Но, според нив, за опстојување на секторот туризам неопходно е продолжување на тие мерки, нагласувајќи дека тие се особено важни за туристичките агенции. 

Заздравувањето на туристичкиот сектор сметаат дека би можело да биде помогнато со мерки на Министерството за економија и Владата коишто би биле поконкретни, односно потаргетирани.

“Туризмот е исклучително чувствителна гранка, чувствителна и на природните и на општествените промени. Короната тоа го покажа на најсилен начин. Она што мора да го форсираме и за кое треба да наоѓаме решенија е да бараме поинаква, оригинална и безбедна понуда за нашите клиенти, а во тоа очекуваме сериозна поддршка од државата која со одреден сет мерки помогна, но треба уште поконкретни заложби од сите надлежни страни, овој наш ресор да опстои во време на тешка состојба за еден бизнис кој ако прикажеме преку бројки колку донел низ годините во оваа економија, ќе знаеме колку е значајно да опстои”, подвлекоа од ЈК Травел.
Димитар Кашиков, Претседател на Стопанската комора за туризам на Македонија, во еден наврат за порталот Работник истакна: „Наше мислење, но и по препорака од Светската туристичка организација при Обединетите нации – UNWTO, која е најзначана светска орагнизација и истата го третира секторот туризам и угстителство на светско ниво, е дека 2022 година би бил оптимален период за рестартирање на туризмот, а за целосно закрепнување многу подоцна“, вели Кашиков.

Според него, едни од поуспешните мерките се покривањето на платите за вработените, но и актуелната мерка којашто сеуште не е финализирана за добивање на неповратен грант која ќе им помогне на компаниите да салдираат дел од тековните трошоци.     

Кашиков тогаш посочи дека треба да продолжи мерката за помош на плати со уште 3+3 месеци, но не на најниската плата, туку со платени придонеси и истата да биде во износ од 21,000 денари. Преку поддршка на бизнис секторот и даночни ослободувања, да се помогне и на останатите компании коишто се непосредно повразни со овој сектор (превозните кои обавуваат исклучиво превоз на туристи. Континуирано да се помага секторот преку намалување на бариерите за патување и олеснување на процедурите, зголемен буџет за промовија и развој на туристичките производи во нашата земја.

Бобан Илијевски