МакедонијаНовостиСиндикат

1,800 вработени во ЈП „Национални шуми“ и понатаму без пари и здравствено – Штрајкот продолжува сѐ додека не се исплатат

   Време за читање 2 минути

Два месеци оставени без плата која е далеку под просечната која изнесува 600 евра, 1,800 вработени во ЈП „Национални шуми“ решија да стапат во штрајк. Тие штрајкуваат од 7-ми март со прекини, но од 1-ви април се во постојан штрајк. Покрај платите, вработените немаат ниту здравствено осигурување.

Мите Сакалиев, синдикален претставник од синдикатот на ЈП „Национални шуми“ при Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање – СГИП во изјава за порталот Работник рече дека штрајкот нема да престане сѐ додека не им бидат исплатени платите.

„Има вработени кои земаат минимална плата со која едвај преживуваат, имаат семејства и кредити. Викаат дека ги трошат заштедените пари, но и тие кај и да е ќе пресушат, па нема да можат да ги прехранат семејствата. Немаме ни здравствено, па ако треба некој вработен да оди на лекар ќе треба плати приватно за лекување“, рече Сакалиев.

Една од причините поради која не им се исплатени плати се и вработувањата на нови 355 вработени пред изборите. Ова го потврди и Претседателот на СГИП, Иван Пешевски на протестот кој се одржа неодамна.

„Апелираме да не си поигруваат со судбината на овие 1.800 вработени, бидејќи ако можеа да вработуваат луѓе пред избори и да ги лажат, тогаш треба и да обезбедат плати“, рече Пешевски, кој појасни дека пред два месеци на работа биле примени 355 работници.

Сакалиев вели дека новите вработени претходно работеле сезонски во претпријатието и дека немало проблем при исплаќањето на плати. Се случувало да задоцнат неколку дена, но ова е првпат да не пуштат плата за два месеци.

Пешевски пак, на протестот рече дека претпријатието нема потреба од сезонски работници, туку луѓето коишто се веќе таму треба да имаат 12 месеци плата и здравствено осигурување.

Директорот на претпријатието, Валентин Груевски за Телма рекол дека го разбира револтот на вработените и дека причината поради која доцнат платите е тоа што претпријатието се соочува со намалени приходи од претходната сезона, додавајќи дека побарал помош од Владата.

Инаку, штрајкот се одвива 30 подружници на ЈП „Македонски шуми“

Бобан М. Илијевски

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.