- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Кочовски: Потребно е прогресивно зголемување на сите плати, согласно порастот на минималната плата

5.87Kviews
Пишува Бобан Илијевски
 
Претседателот на Движењето за социјална правда „Обединети Работници“ Бобан Кочовски преку Фејсбук статус порача дека треба да се зголеми минималната плата, но и да се внимава да не дојде до порамнување  на истата со платите на работниците кои се поголеми од минималната. 
 
Според Кочовски, пораст на минималната плата апсолутно треба да има, но предупреди дека во никој случај не смее да остане само на тоа. 
 
„Изедначувањето на работните позиции кои нудат минимална плата со оние професии каде што платата е нешто поголема ќе придонесе за пад на мотивираноста, но и продуктивноста кај вторите. Тоа ќе предизвика сериозен проблем!“, вели Кочовски. 
 
 
Решението на овој проблем тој го гледа во воведувањето на прогресивно зголемување на сите плати, согласно порастот на минималната, при што ќе се издејствува вистинско подобрување на животниот стандард, како и пораст на просечната плата. 
 
„Секако, сето ова мора да има економска подлога, бидејќи недостатокот на истата ќе има контра ефект и негативни последици, како по работниците, така и по работодавачите.
Секој кој што ќе ве убедува дека тоа не е случај и дека можеме работите да ги вадиме ‘од ракав’ е само гол популист кој или не ја разбира материјата или сака да поентира некој поен помеѓу работниците за свои лични цели“, додава Кочовски во Фејсбук статусот. 
 
Од бизнис секторот се против зголемување на минималната плата поради тоа што, како што велат, ќе дојде до отпуштање на работници, бидејќи работодавачите ќе бидат финансиски преоптоварени за да ги исплатат платите. Нивен став е дека треба да има раст на продуктивноста, за да растат и платите. 
 
Синдикатите пак се децидни дека минималната плата треба да порасне на 18,000 денари, за да се подобри социо – економскиот статус на работниците чии плати не се доволни да ги подмират основните животни трошоци. 
 
Едно од ветувањата на Владата беше дека до 2024 година, минималната плата ќе порасне на 20,000 денари, но според анализите на Институтот за економски истражувања и политики „Finance Think“, минималната плата нема да може да го достигне тој износ. 
 
„Иако минималната плата забележа солиден раст и во текот на пандемијата, под влијание на законското усогласување со растот на БДП, платите и цените, сепак нејзиниот раст е недоволен за да го испорача даденото ветување“, велат од Finance Think.