240,000 РАБОТНИЦИ ИМАЛЕ ПОЛЗА ОД СУБВЕНЦИОНИРАЊЕТО НА ПРИДОНЕСИТЕ – Работодавачите бараат да продолжи
240,000 вработени имале полза од бенефитите кои произлегуваа од Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување. Ова, за порталот Работник, го истакна првиот човек на Бизнис Конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков.
Идејата да се воведе вакво законско решение била нивна, посочи тој и истата била базирана на законското решение од Република Српска. Но, кај нас овој Закон, кој бил донесен во 2019, од страна на Владата на Зоран Заев со цел да се сузбие сивата економија, на 31.10.2022 година престанал да се применува.
Инаку, за да биде појасно, овој Закон предвидуваше оние работодавачи кои ќе ги зголемат платите од 600 до 6,000 денари да не плаќаат придонеси за овие суми.
Според Бошков, ова навистина им било од помош и на работодавачите и на работниците, а со оглед на тоа дека бенефит од истата мерка имале 240,000 вработени во сите сектори, вели дека вреди да се продолжи, па дури и да се зголеми опсегот на субвенционирање, како што тоа било направено во Република Српска, каде било зголемено на 150 евра.
Ангел Димитров, Претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија вели дека овој закон одиграл голема позитивна улога во зголемувањето на платите во Македонија.
„За жал, Владата одлучи да не го продолжи. Потребно беше да се замени периодот на споредба и наместо трите месеци од 2019 година да се споредува со трите месеци од 2022 година“, посочи Димитров и додаде дека на овој начин ќе продолжел трендот на пораст на платите со повисоко темпо.
Фондовите за пензиско и здравствено осигурување во голем дел, појасни тој, се субвенционираат од Републичкиот буџет, што претставува проблем за носење нов закон за субвенционирање на порастот на платите.
Имено, кога била донесена оваа мерка, било предвидено да трае три години, но тогашната министерка за труд и социјална политика Мила Царовска рекла дека постои можност да се продолжи.
Сепак, и покрај тоа, Владата, како што пренесува порталот СДК.мк, не размислувала да ја продолжи оваа мерка. Од таму посочиле дека донеле други мерки за помош на компаниите, стопанството и граѓаните од кои бенефит имале и работодавачите и останатите лица опфатени со нив.
„Во време на криза, Владата на неколку наврати креираше пакет мерки за поддршка на компаниите, со цел полесно да се преброди периодот на криза. Преку Оперативниот план за активни програми и мерки, чиј носител е Министерството за труд и социјална политика, а имплементатор Агенцијата за вработување, компаниите се вклучени во програми и мерки кои имаат за цел поддршка на компаниите и креирање на нови работни места. Преку мерката субвенционирање на плати, каде корисници се јавуваат микро, мали и средни компании, компаниите добиваат финансиска поддршка со времетраење на субвенционирањето од 3,6 или 12 месеци, со цел за вработување на невработени лица“, рекле во ноември минатата година од Владата, пренесува СДК.мк.
На крајот на краевите, кога станува збор за пазарот на труд, најдобро е да се послушаат работодавачите и работниците, а во конкретниов случај, работодавачите велат дека оваа мерка давала големи резултати кои биле од полза на двете страни (работодавачите и работниците).

