27 отсто од Европејците го гледаат морето само на разгледница – Голем дел од Македонците не можат да видат ни езеро, а камо ли море
Според најновиот извештај на Евростат за 2024 година, дури 38 отсто од граѓаните на Хрватска не можат да си дозволат ниту седум дена годишен одмор надвор од сопствениот дом. Со тоа, Хрватска се наоѓа меѓу државите со најлоши резултати во Европската унија кога станува збор за пристап до основен летен одмор.
Полоши од Хрватска по овој показател се само Романија, каде 58,6 отсто од граѓаните не можат да си дозволат седум дена одмор, потоа Грција (46 отсто), Бугарија (41,4 отсто) и Унгарија (39,3 отсто), пренесува Вечерњи лист. За споредба, во Луксембург само 8,9 отсто од населението не може да си дозволи летување, а во Шведска 11,6 отсто. Просекот за целата Европска унија изнесува 27 отсто.
Овие податоци доаѓаат во период кога цените во Хрватска се меѓу највисоките во Унијата, додека куповната моќ на граѓаните е под европскиот просек. Иако земјата бележи позитивни показатели, како ниско ниво на млади кои го напуштаат училиштетото и помал родов јаз во платите, во клучните аспекти на квалитетот на живот – како можноста за одмор – Хрватска значително заостанува.
Експертите предупредуваат дека за голем дел од домашните туристи, летувањето во сопствената земја станува прескапо. Сè повеќе луѓе се одлучуваат за подостапни дестинации во регионот. Високите цени и услугите кои често не го оправдуваат вложеното, го поттикнаа и хрватскиот министер за туризам и спорт, Тончи Главина, да апелира до угостителите да бидат внимателни при формирањето на цените, со цел да не ги одвратат ниту домашните, ниту странските туристи.
Трендот на поскапувања, според сите показатели, ќе продолжи и во текот на остатокот од годината. Високата инфлација, ограничените можности за заштеда и скромниот раст на платите прават дури и основниот одмор да биде недостижен луксуз за сè поголем број хрватски граѓани.
Евростат не објави податоци и за државите кандидати за членство во ЕУ, меѓу кои е и Македонија. Последните достапни податоци објавени минатата година, покажуваат дека над половина од Македонците не можат да си дозволат годишен одмор. Полошо од нас стојат Албанија, каде што 58,3% од граѓаните не можат да одат на одмор, Турција (60,8%), Црна Гора (67,2%) и Косово (69,5%).
Извор: b92.net

