Вести

28 април – Светски ден на БЗР: Парите не можат да купат човечки живот – потребни се безбедни работни места

По повод 28 април – Светскиот ден на безбедноста и здравјето при работа, решив да дадам еден краток осврт за ситуацијата на ова поле во Македонија, иако веќе многу пати претходно имам пишувано на оваа тема.

Имам чувство дека колку и да се зборува за темата – безбедност и здравје при работа, сепак таа останува некаде на периферијата од јавниот интерес. Нејзината важност е огромна, но очигледно дека мал број на луѓе го сфаќаат тоа. Одредени здруженија од областа на безбедност и здравје при работа континуирано зборуваат за тоа дека еден од најважните услови кои треба да ги има секој работник е безбедна работа и дека за тоа е потребно да се подигне превентивната култура која кај нас, за жал, е на релативно ниско ниво. Инаку, превентивна култура значи да се воведат начини за спречување на несреќите и професионалните болести.

Гледаме дека постојано има по некој работник којшто се повредил на своето работно место или пак, што е уште полошо, погинал. Фамата околу тоа трае многу краток период, за да после сето тоа се стави под тепих и се заборава дека се случило.

Факт е дека Македонија, според Меѓународната организација на трудот, губи 400 милиони евра годишно поради несреќите при работа. Тоа е една огромна сума на пари која наместо да се вложи во нешто, можеби дел во БЗР,  таа се губи поради немањето доволна свест за безбедноста и здравјето при работа кај работодавачите, но и кај работниците.

Работниците треба да бараат од своите работодавачи да имаат сигурни и безбедни работни места, но кај нас тоа не е така. Нив им е поважна платата од сопственото здравје и сопствената безбедност, па се решени по секоја цена да работат на било какви работни места каде што има поголема плата. Ние во Македонија најчесто учиме од своите грешки, па потребно е нешто да се случи, за да сфатиме дека работењето за поголема плата по секоја цена може да не чини живот. Треба и да се запрашаме, дали на нашите семејства повеќе им вредат парите коишто ги заработуваме или ние. Јас мислам дека е второто. Ниедна мајка, татко, сопруг, сопруга, барем оние коишто се нормални и грижливи луѓе, не би сакале да ги изгубат своите најмили поради пари. Банкнотите не можат да ги вратат изгубените човечки животи. Никогаш.

Мојата порака до сите работници, но и работодавачи е да обрнуваат повеќе внимание на мерките за безбедност и здравје при работа и да ја развиваат превентивната култура. Особено е важно, работодавачите да прават обуки и семинари преку кои ќе им доловат на работниците од колку голема важност е заштитата при работа. Само преку едукации и обуки може да се подигне свеста.