Останато

33 % повеќе од мажите работеле на полно работно време од жените во 2021

Бројот на вработени на полно работно време од 2011 до 2021 (2011 е земена во предвид бидејќи од тогаш се и последните податоци на Државниот завод за статистика), константно се движел во нагорен тренд. 

Графикот подолу покажува како и колку се зголемува бројот на вработени на полно работно време. Во 2011 година, бројот на вработени на полно работно време изнесувал 604,382 , во 2015 бил 674,693, а во 2021 пораснал на 767,019. Податоците укажуваат и на тоа дека бројот на вработени на полно работно време доминира во споредба со бројот на вработени на скратено работно време, па така ако се земе во предвид дека бројот на вработени на скратено работно време во 2021 бил 20,086, а на полно работно време 767,019, разликата е над 96 % во корист на полното работно време.

Извор: Државен завод за статистика

Но, кога ќе се анализираат податоците за вработените на полно работно време по пол, се добива сосема поинаква слика, односно се покажува јазот помеѓу мажите и жените во однос на работното време. Тоа може да се забележи и од вториот график подолу кој покажува дека мажите доминираат на работните места на полно работно време или искажано во проценти, на пример во 2021 година, речиси 33 % повеќе мажи работеле на полно работно време. Во 2011 година разликата била поголема и изнесувала 35,7 %.

Извор: Државен завод за статистика

Постојано се зборува за родов јаз во платите кој и тоа како е очигледен, но очигледен е и јазот во работата на полно работно време. Најголемиот дел од жените се принудени да се грижат за своите деца и за постарите, а голем дел од нив или над 66 % спаѓаат во неплатени семејни работници, за разлика од мажите каде бројката е 33 %, па оттаму јасно е зошто е толкава разликата помеѓу жените и мажите кои работат на полно работно време.

Дури и работата на скратено работно време е во корист на мажите. Податоците од 2021 покажуваат дека 14,180 од вработените на скратено време биле мажи а 13, 888 жени.

Во следниот дел ќе објавиме и податоци за тоа колкава е разликата во платите помеѓу мажите и жените во последните пет години, за колку што се води статистика од ДЗС.

Фото: Freepik

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk