ЕкономијаМакедонија

7 проблеми со кои се соочуваат малите бизниси во Македонија, според сопственичка на бизнис

Со какви предизвици се соочуваат малите бизниси во Македонија? Ова прашање и’ го поставив на Александра Иванова, сопственик на сметководственото биро „Андреева Консалтинг“.

Според Иванова, на ова прашање нема еден точен одговор, бидејќи предизвиците зависат од дејноста, фазата на развој, па дури и локацијата на самиот бизнис. Генерално, таа ги издвојува следните проблеми.

На прво место, според Иванова, е недостигот од квалификувана работна сила.

„Проблем што станува се’ поизразен поради брзиот технолошки развој, недоволната усогласеност на вештните со потребите на пазарот, отпорот кон преквалификација и доквалификација, но и висината на платите“, вели Иванова.

На второ место е конкурентноста на пазарот.

„На малите бизниси им се потребни подобри услови за пласман на производи и услуги надвор од Македонија, даночни олеснувања и мерки што ќе овозможат инвестиции во развој, дигитализација и раст на платите“, посочи Иванова.

На трето место е пристапот до финансиски средства.

„Потребни се подостапни фондови, државни програми и поволни кредитни линии за зголемување на ликвидноста, модернизација на процесите и инвестиции во оперема и механизација.“

На четврто место, според Иванова, е даночната и регулаторна предвидливост.

„Бизнисите имаат потреба од стабилна и предвидлива деловна средина, со јасни правила и поедноставни процедури, за да можат долгорочно да планираат и непречено да работат“, вели Иванова.

На петто место се административниот товар и сивата економија.

„Малите бизниси често немаат капацитет постојано да ги следат измените на законите и процедурите, што создава дополнителни трошоци и несигурност во работењето. Дополнителен проблем е и нелојалната конкуренција од сивата економија, бидејќи компаниите што работат законски тешко можат да бидат конкурентни со оние што не плаќаат даноци, исплаќаат плати „во плик“ или работат нрегистрирано.“

На шесто место е доцнењето на плаќањата.

„Особено кај малите компании, доцнењето на наплатата од институции или поголеми деловни партнери може сериозно да ја наруши ликвидноста и тековното работење“, посочи Иванова.

И на седмо место, но не и помалку важни, се парафискалните давачки и скриените трошоци.

„Покрај даноците и придонесите, малите бизниси се соочуваат и со бројни парафискални давачки, различни надоместоци, членарини, такси и административни трошоци кои често создаваат дополнителен финансиски товар. Проблемот е што дел од овие давачки се непредвидливи или не носат директна вредност за компаниите, а значително влијаат врз ликвидноста и трошоците на работењето.