70 % странски работници, бел штрајк и дилемата околу работното време
Автор: Бобан Илијевски
А. Што им требаат нови законски измени на Законот за работните односи кога во него убаво си е регулирано колку работниците можат да работат. При првобитната изработка на Законот, ако не се лажам во 2005 година, законодавецот ги зел во предвид трудовите законодавства кои ги налага меѓународното право. И тогаш постоела опција да се одреди поголемо работно време од 40 часа, но водејќи се од праксата на веќе воспоставеното работно време, законодавецот одлучил да се придружува до истата, при што се дозволило прекувремената работа да биде плус 8 часа неделно или најмногу 190 часа годишно.
Мислам дека работното време е сосема добро уредено и дека не треба да се прават никакви дополнителни измени, па дури и да се работи, за, како што милуваат да речат од Владата, проекти од стратешки интерес за Македонија.
Се зборуваше дека ќе се работи 60 часа на коридорите 8 и 10д, но Министерката за труд и социјална политика рече дека тоа не е точно и дека заедно со пратениците ќе утврделе горна граница за тоа колку би можело да се работи прекувремено, па останува да видиме со колку часа плус ќе не изненадат.
Во измените на Законот за работни односи се предвидува Министерот за финансии и Министерот за труд и социјална политика преку подзаконски прописи да ги регулираат местото и начинот на исплата на платата на работниците кои ќе работат на стратешки проекти. Сметам дека колку и да биде горната граница за прекувремена работа и колку и да одлучат министрите да платат, не постои толкава парична вредност која би можела да го врати изгубенето здравје на работниците. Експертите од областа на безбедноста и здравјето при работа велат дека колку повеќе работникот работи во текот на денот, толку повеќе се зголемува и ризикот од несреќа при работа или појавување на професионално заболување.
Б. Потпретседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Александар Николоски во интервју за Фокус откри нови детали за Договорот кој Владата го потпиша со конзорциумот „Бехтел и Енка“. Тие покажуваат дека 70 % од работниците кои ќе работат на коридорите ќе бидат од странство, а само 30 % од Македонија. Ако е ова точно, тогаш целосно во вода му паѓа изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека македонските работници ќе имаат голем бенефит од овој проект. Сериозен проблем е и што на странските работници, како што тврди Николоски, нема да им се бараат работни дозволи. Тоа остава простор во Македонија да се „протне“ некој кој би можел да направи проблеми.
В. Министерката за труд, исто така, посочи и дека нема ништо против тоа коефициентите на сложеност на функционерите да се множат со минималната плата, наместо со просечната како што е сега. Дел од синдикатите рекоа дека ќе поднесат барање и платата на вработените во јавниот сектор да се зголемува согласно растот на просечната плата, нешто што според мене, многу тешко ќе помине. Првобитно, поради тоа што уште повеќе ќе се зголеми револтот кај вработените во приватниот сектор, каде што во најголем дел, растот на платата зависи од расположението на работодавачите. Мислам дека најдобро решение е функционерите да земаат плата согласно растот на минималецот. Редно е да покажат солидарност кон останатите работници.
Г. Неодамна прочитав дека голем дел од вработените во приватниот сектор практикувале „бел штрајк“ или подобро објаснето, вложувале минимален труд во извршувањето на своите работни задачи. Ова се должело на малиот раст на останатите плати по зголемувањето на минималната на 20,175 денари. Јас веќе подолго време пишувам дека и во Македонија ќе се појави трендот на „тивко откажување“ и ете, излезе на површина „белиот штрајк“ кој е слична појава на тивкото откажување. Револтот кај работниците расте и ќе продолжи да расте се додека не почнат работодавачите да изнаоѓаат решенија за тоа како повеќе да ги мотивираат. Ова го имам кажано многу пати претходно, но ќе го кажам и сега: мотивацијата и продуктивноста се поврзани меѓусебно – односно, колку повеќе мотивирани се работниците, толку повеќе ќе расте нивната продуктивност.
Д. Власта и опозицијата во Македонија се препукуваат за се и сешто, освен кога се работи за зголемување на платите на функционерите и делење на пари на политичките партии од државниот буџет.
Сето ова кажува многу, а и народот гледа. Тоа е една од причините поради којашто заминуваат од Македонија во некоја од земјите на западна Европа.

