Светот на работникот

72 % ОД ВРЕМЕТО ПОТРОШЕНО НА НЕПЛАТЕН ТРУД ПАЃА ВРЗ ЖЕНИТЕ

Учеството на жените на пазарот на труд е тема на која организациите кои се занимаваат со родовата еднаквост прават постојани истражувања. Тие постојано укажуваат на тоа дека постои значително голем јаз помеѓу положбата на мажите и жените на пазарот на труд.

Една од организациите која работи во овој сегмент е и независната истражувачка организација „Реактор“, на која редакцијата на порталот Работник ѝ се обрати за да добие подобар увид за тоа што покажуваат нивните истражувања во однос на родовиот јаз во вработеноста во Македонија.

Согласно податоците од 2020 година, кои се земени како предмет на истражувањата на „Реактор“, во Македонија 45,3 % од вработените ги претставува женската популација, а 63,7 % машката.

„Иако стапките на вработеност со текот на времето се зголемуваат и за мажите и за жените, родовиот јаз опстојува и останува речиси двојно поголем во споредба со просекот на Европската унија во 2020 година (Македонија=18,4 % наспроти Европската унија=10,3 %)“, објаснуваат од „Реактор“.

Она што во голема мера е забележливо е бројката на жени кои се надвор од пазарот на трудот, во споредба со таа на мажите. Според податоците на „Реактор“ станува збор за речиси половина (46 %) од жените на работоспособна возраст, наспроти 23,3 % од мажите.

Нивните истражувања покажуваат дека над половина (59 %) од жените се надвор од работната сила поради одговорностите поврзани за грижата за децата и возрасните или други семејни обврски. Кај мажите овој број е значително помал и изнесува само 2 %.

Од „Реактор“ посочуваат дека нееднаквата вклученост на мажите и жените на пазарот на труд поради горенаведените причини е застапена и во ЕУ, но разликата е помала (21,9 % од жените во споредба со 2,9 % од мажите).

Родовиот јаз во стапката на вработеност, како што покажуваат податоците на оваа организација, е поголем кај родителите и според податоците од 2020 година, изнесува од 14,4 % кај родителите без деца, до 32,4 % кај оние со деца помлади од шест години.

„Ова дополнително потврдува дека неплатената работа поврзана со грижата за други директно придонесува кон нееднаквоста, а со тоа и кон помало женско учество на пазарот на труд. Бидејќи мажите не се еднакво вклучени во домашната работа и во одговорностите за грижа за децата и семејството, жените се или целосно исклучени од пазарот на труд или носат двоен товар на платена и неплатена работа“, посочуваат од „Реактор“.

Ова, велат од организацијата, е само еден сегмент кој укажува дека жените во Македонија се соочуваат со длабоко вкоренета дискриминација.

Директната дискриминација и структурните бариери, споредбено со земјите од регионот, се гледаат и во официјалната статистика за разликите меѓу стапките на вработеност на жените и мажите во земјите од регионот, велат од „Реактор“ и додаваат:

„Во Македонија родовиот јаз во вработеноста е континуирано висок и споредбено со останатите земји од регионот, состојбата во нашата земја е подобра само од таа во Косово“.

Зошто жените се помалку застапени од мажите на пазарот на труд?

Причината за ова, како што наведуваат од „Реактор“ е состои во податоците дека речиси половина од работоспособните жени се надвор од работната сила бидејќи не се регистрирани како активни баратели на работа.

„Главни причини за неактивност кај повеќе од половина од овие жени (59 %) се обврските поврзани со грижата за децата или други обврски за грижа, додека тоа е посочено како клучна причина од само 2 % од мажите во истата категорија“, велат од „Реактор“.

Доколку се анализира и времето кое се посветува на грижа за децата, семејството и домашните активности, може да се заклучи дека во просек, 72 % од времето потрошено на овој неплатен труд паѓа на товар на жените, што, како што посочуваат од организацијата, го попречува еднаквиот пристап кон платени работни места за жените.

Според истражувачите од „Реактор“ еден од начините да се решат овие проблеми на долг рок е да се разгледа и преиспита концептот на грижа и да се настојува да се подобри рамнотежата помеѓу професионалниот и приватниот живот и кај мажите и кај жените, во што огромна улога може да има и законската рамка.

Во кои сектори има најмногу жени?

Според истражувањата на „Реактор“ , жените претставуваат 77 % од вработените во секторот здравство и грижа, а се и многу повеќе застапени во неформалните услужни сектори и во трудово-интензивните, т.н. прекаријат.

„На пример, жените сочинуваат 80 % од вработените во текстилната, кожарската и конфекциската индустрија, каде кршењата на правата се вообичаена пракса, а платите се под утврдената средна вредност на приход“, велат од таму.

Исто така жените се натпросечно застапени меѓу неплатените семејни работници (на пр. во земјоделието или други семејни бизнис). Од „Реактор“ велат дека иако придонесуваат со сопствен труд, овие работнички, како мајки или сопруги – домаќинки, се економски зависни од домаќинството, што ги прави да бидат поизложени на економско насилство и без придобивки од пензија, со оглед на тоа дека овие жени го немаат потребниот стаж за да го остварат ова право.

Важно е да се посочи и дека жените и девојките ширум светот во просек вршат повеќе од три четвртини од неплатената грижа или 75 % од вкупните часови ги поминуваат на домашна работа, грижа за деца и за стари лица.

„Ова подразбира дека милијарди часови работа посветена на труд поврзан со нега, иако витални за нашиот опстанок и напредок, се непризнаени од страна на конвенционалната економија, и поради тоа се неценети и неплатени“, велат од „Реактор“ и додаваат дека бесплатниот труд многу ги чини жените.

Имено, непропорционалната распределба на обемот на работа во однос на домашната грижа прави жените да бидат или временски осиромашени и да се борат да ги балансираат професионалните со семејните обврски или целосно да се повлечат во сферата на „приватното“ и да ги извршуваат само домашните обврски, без да имаат пристап до формално вработување. Со ова, тие го губат и пристапот до платената работа, правото на кариера и социјалното осигурување.

На што се должи големата застапеност на жените токму во овие сектори?

Според истражувачката организација, тоа произлегува од повеќе фактори, но една од клучните причини за овие нееднаквости е родово-детерминираниот пристап до платена работа.

„Ова претставува и обратно пресликување на нееднаквата поделба на неплатената работа поврзана со грижата за децата и постарите лица“, велат од „Реактор“ и потенцираат дека ваквата нееднаква поделба која понатаму прави тешко премостливи структурни нееднаквости во сите сфери на општеството, произлегува од длабоко вкоренетите норми и стереотипни очекувања за „општествено-пожелни“ однесувања и родово детерминирани улоги што општеството им ги наметнува на мажите и жените и очекува да ги практикуваат.

Родовите стереотипи во сите области на животот, како што велат од таму, значително влијаат врз изборот на работата кај луѓето и се коренот на професионалната, секторската, временската и хиерархиската сегрегација меѓу мажите и жените.

Продолжува…

 

Фото: Freepik

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk