ЕкономијаСвет

Албанија со нова мерка за младите: Државата ќе плаќа 50 отсто од киријата

Албанија подготвува нова Национална станбена програма со која од 2027 година треба да им помогне на илјадници домаќинства полесно да дојдат до сопствен или субвенциониран дом.

Во фокусот се младите двојки, младите семејства и луѓето кои имаат приходи, но поради високите цени на недвижностите и кириите тешко можат самостојно да го решат станбеното прашање. Посебна категорија се и иселениците кои ќе се вратат во Албанија и повторно ќе започнат живот во земјата.

Според најавата на албанската влада, во 2027 година 4.000 млади двојки ќе добијат станбена поддршка, поделена во неколку категории. Од нив, 2.000 ќе можат да користат кредити со нула проценти камата за станови со вредност до 60.000 евра. Дополнителни 2.000 кредити ќе бидат со камата од 3 проценти, за станови чија вредност е над 60.000 евра.

Мерката е поставена и така што да не ги опфати само најсиромашните домаќинства. Владата најави дека приходниот праг за младите двојки ќе биде зголемен на 280.000 албански леки месечно, со образложение дека поддршка им е потребна и на луѓето со редовни приходи кои припаѓаат на растечката средна класа, но сепак не можат лесно да купат стан.

Државата ќе плаќа половина од киријата

За оние кои не се во можност да купат стан, програмата предвидува уште една мерка.

Во првата година ќе бидат обезбедени 3.000 субвенционирани наеми, при што државата ќе покрива 50 проценти од киријата. Како пример, албанската влада наведува стан со месечна кирија од 400 евра. Доколку домаќинството ги исполнува условите, 200 евра би ги плаќала државата, а преостанатите 200 евра станарот. Приоритет ќе имаат младите двојки и лицата кои се враќаат од странство.

Тоа значи дека само преку овие две мерки во 2027 година се планира поддршка за 7.000 домаќинства – 4.000 преку станбени кредити и други форми на помош и 3.000 преку субвенциониран наем. Но планот не се сведува само на кредити и кирии.

Албанија воведува и модел на достапно домување

Новата станбена политика предвидува комбинација од социјално и достапно домување. Според најавениот модел, во проектите што ќе се реализираат преку оваа политика 30 проценти од становите би биле наменети за социјално домување, 40 проценти за достапно домување, а 30 проценти би се продавале на отворениот пазар.

Идејата е дел од средствата добиени од продажбата повторно да се вложуваат во станбени програми. Владата најавува дека Националниот станбен фонд ќе се финансира од државниот буџет, средства од Европската Унија и други извори, како и преку 3-процентен надомест поврзан со градежните дозволи.

Програмата опфаќа и други категории граѓани. Предвидени се социјални станови под наем, подобрување на постојните домови за ранливи категории, адаптација на објекти во социјални станови, привремено домување за лица погодени од природни катастрофи и станови приспособени за лица со попреченост.

Албанската влада наведува дека долгорочната цел е до 2030 година вкупно 50.000 семејства да добијат поддршка во решавањето на станбеното прашање.

Слична политика имаше и Македонија

Сличен пристап кон младите имаше и Македонија во времето на владите предводени од ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски, преку проектот „Купи куќа за млади“, кој беше претставен во 2015 година.

Програмата беше наменета за лица до 35 години, а можеле да аплицираат и брачни двојки доколку најмалку едниот брачен партнер бил на возраст до 35 години. Еден од моделите предвидуваше државата да субвенционира 80 проценти од месечната рата во првите осум години, а потоа 50 проценти во следните три години. Другиот модел предвидуваше државата да го покрие учеството за кредитот, до максимум 12.500 евра.

Македонскиот модел, главно беше поврзан со кредитирање за купување или изградба на дом, додека новата албанска програма комбинира повеќе форми на поддршка: кредити со нула или ниска камата, субвенциониран наем и изградба на достапни и социјални станови.

Новата програма  во Албанија треба да биде поддржана преку буџетот за 2027 година, а за нејзината реализација се најавени и законски измени и реформа на институциите што ќе ги спроведуваат станбените политики.