Американската банка Морган Стенли отпушта 2.500 вработени во сите оддели
Американската банка Морган Стенли отпушти околу три проценти од својата работна сила, или околу 2.500 вработени во сите оддели.
Кратењата на работни места во Морган Стенли се случија во трите главни оддели на банката – инвестициско банкарство и тргување, управување со богатство и управување со инвестиции – но не влијаат на нејзините финансиски советници, објави Ројтерс, повикувајќи се на анонимни информирани извори.
Морган Стенли е една од најголемите инвестициски банки во светот со околу 83.000 вработени и операции во повеќе од 40 земји.
Во 2025 година, таа оствари приходи од околу 70 милијарди долари и нето добивка од речиси 17 милијарди долари.
Банката го прошири својот бизнис за управување со богатство во последните години, вклучително и со купување на американскиот брокер E*TRADE во 2020 година за околу 13 милијарди долари.
Ова значително го зголеми бројот на клиенти меѓу малите инвеститори и ги зајакна постабилните извори на приход надвор од традиционалното инвестициско банкарство.
Еден од најголемите индивидуални акционери на банката е јапонската финансиска група „Мицубиши“, која стана клучен инвеститор по финансиската криза во 2008 година, кога купи значаен удел во американската банка.

