ЕкономијаМакедонија

АНАЛИЗА: Капиталните расходи “под нож“, помалку пари за градежни работи, опрема, машини, капитални дотации за општините

Амбициозниот план за јавни инвестиции од над 744 милиони евра не  “преживеа” во оваа економска година. Капиталните расходи, моторот на економскиот раст,  се намалуваат за 12,5%, пишува Порталб.мк. Со вториот по ред ребаланс на Буџетот, се предвидува кратење кај речиси сите ставки за капитални расходи. Намалување има  кај капиталните дотации за општините, за градежни работи, инвестиции во машини и опрема.

Патната и железничката инфраструктура, главен адут за економскиот раст

За  94 000 000 евра Владата ги скрати капиталните расходи за годинава. Амбициозната проекција од над 744 000 000 евра за јавни инвестиции, сума која беше зголемена со првиот ребаланс на Буџетот, сега се “топи’ на нешто повеќе од 651 000 000 евра.

“Ревидирањето на капитални расходи за 5,8 милијарди денари произлегува од пролонгирање на динамика на реализација на одредени капитални проекти, пред се финансирани од сопствените приходи, вклучително од донации и заеми”, се наведува во новиот буџетски документ.

                                     Вкупна сума за капитални расходи

Буџет 2026                    744 824 100 евра

Ребаланс 2026              651 355 390 евра

Извор: Ребаланс на Буџет

Сепак, и во вториот по ред ребаланс на Буџетот за годинава, за раст на економијата, Владата се потпира на јавните инвестиции, пред се во инфраструктурата. Во новиот документ се обелоденува дека заклучно со крајот на август за изградба на автопатите од  Коридорот 8 и 10 Д се потрошени нешто повеќе скоро 103 000 000 евра.

“За програмата “Инвестиции во патна инфраструктура” односно за изградба на Коридор 8 и 10Д од страна на компанијата Бехтел и Енка до 31 август 2026 година издвоени се 6,3 милијарди денари” – пишува во Ребаланс на Буџетот.  

До крајот на годинава, според креаторите на економските политики, економскиот раст и натаму ќе се потпира на инфраструктурните инвестиции во автопати и железница.

“Позитивните движења се очекува да продолжат и во втората половина на годината, во услови на понатамошна реализација на капиталните инвестиции од Буџетот и претпријатијата во државна сопственост за развој на патната и железничката инфраструктура, капиталните проекти во општините, образованието, здравството и животната средина. Инвестициската активност на домашните компании се очекува да остане на високо ниво и во втората половина на 2026 година” – се наведува во Буџетот.

Според новите проценки на Владата, годината бруто-инвестициите се очекува да остварат реален раст од 7,6%.

Од кои “капитални” ставки, колку ќе се крати?

“Порталб” направи увид во деталните ребалансирани буџетски ставки за капитални расходи – кратење има кај сите позиции кои се однесуваат на инвестиции, опрема, машини, градежни работи, стратешки стоки, освен кај ставката “капитални субвенции за претпријатија и невладини организации”.  Конкретно кај ставката “други градежни објекти” која е со најголем износ,  сумата од скоро 218 500 000 евра се намалува на 146 000 000 евра а средствата кои треба да се трошат по основ на “градежни работи” од 16 683 000 евра се сведуваат  на 10 863 000 евра.

Една од повисоките расходни ставки е “купување на опрема и машини” при што сумата од 198 966 000 евра се крати на 187 253 800 евра. 

                                Капитални расходи (во евра)                                         

                                                            Буџет 2026        Ребаланс 2026

Други градежни објекти                      218 478 400     146 070 000   

Купување опрема и машини              198 966 000      187 253 800 

Градежни  работи                                16 682 900        10 862 550  

Капитални дотации за ЕЛС                  76 575 600         73 377 500

Капит. субвенции                                 171 208 800        175 079 800  

Извор: Ребаланс на Буџет               

Кратење има и на “капиталните дотации за општините” при што сумата од над 76 000 000 евра се намалува на околу 73 000 000 евра. Единствено зголемување на износот за околу 3 800 000 евра има за “капитални субвенции за претпријатијата и невладините организации” за што се планирани нешто повеќе од 175 000 000 евра.  

До средината на овој месец, реализацијата на капиталните расходи изнесува околу  55% од годишниот план.