СветСветот на работникот

Германската индустрија изгубила речиси половина милион работни места од 2019 година

Германската индустрија изгубила 496.000 работни места од почетокот на 2019 до крајот на 2025 година, додека услужниот сектор во истиот период отворил повеќе од 2,2 милиони нови работни места, покажуваат податоците на германскиот институт Ифо.

Станува збор за работни места опфатени со системот на социјално осигурување, а падот на вработеноста во индустријата изнесува 7,1 отсто.

Според анализата на минхенскиот институт Ифо, новите работни места во услужниот сектор се создадени пред сè во здравството, социјалните услуги и јавната администрација.

Најпогодени автомобилската и машинската индустрија

Намалувањето на бројот на вработени особено ги погоди автомобилскиот и машинскиот сектор, кои со години беа меѓу главните двигатели на германскиот економски развој.

„Германија минува низ забрзана структурна трансформација. Иронично е што токму секторите што досега го одржуваа нашиот просперитет сега се во опаѓање“, изјави Јоахим Рагниц, директор на институтот Ифо во Дрезден.

Податоците укажуваат на значителни промени на германскиот пазар на трудот, при што индустриските работни места се намалуваат, додека услужните дејности стануваат сè поважен извор на вработување.

Слабее побарувачката за работници

И покрај тоа што бројот на невработени во Германија во септември повторно падна под три милиони, подобрувањето на пазарот на трудот беше послабо од вообичаеното за овој период од годината.

Германската Сојузна агенција за труд предупреди дека побарувачката за работници и понатаму е релативно слаба.

Овие движења дополнително ги зголемуваат предизвиците за германската економија, особено за индустриските компании кои се соочуваат со структурни промени и неизвесност во однос на идниот развој на производството и вработеноста.

Извор: b92.net