АНАЛИЗА: За пет месеци реализација на капитални расходи од 38,5% – кај дел од министерствата “лазечко” темпо
За пет месеци реализацијата на капиталните расходи изнесува 38,35% – покажуваат најновите податоци од Министерството за финансии. Токму кај Министерството за финансии-функции на држава , од каде се “инјектираат” пари за јавни инвестиции на централно и на локално ниво, остварувањето изнесува симболични 6,36%, пишува Порталб. Дел од ресорите со повисоки буџети за капитални инвестиции не реализираа ниту една третина од планот, додека пак неколку министерства прикажаа остварување повисоко од 50%.
“Рангирање” – кои ресори колку пари потрошија за капитални расходи
Министерството за финансии-функции на држава од каде се инјектираат пари за капитални расходи и на централно но и на локално ниво, на крајот од мај прикажува реализација од незначителни само 6,36% од планираните средства на годишно ниво. Конкретно овој ресор, според сегашните буџетски планови, по основ на капитални расходи располага со 37 820 000 евра а од нив , за пет месеци се потрошени само 2 405 066 евра. Министерството за култура пак за пет месеци испорачало реализација на капиталните расходи од 9,7%.
Министерството за одбрана кое според сегашниот Буџет има на располагање скоро 150 000 000 евра за капитални расходи , на крајот од мај реализирало само 25,43% од годишниот план или 37 655 000 евра. Министерството за внатрешни работи за пет месеци по основ на капитални инвестиции потрошило 10 203 000 евра што претставува реализација од 39,06%. И Министерството за животна средина кое годинава, според сегашниот буџетски план, доби дури 67 600 000 евра, на крајот од мај потрошило само 16 581 000 или 24,53% од планираните средствата.
Реализација на капитални расходи 31 мај
Мин за финансии-функции на држава 2 405 066 6,36%
Мин за култура 127 871 9,7%
Мин за одбрана 37 655 000 25,43%
Мин за животна средина 16 581 000 24,53%
Мин за образование 11 035 453 30,03 %
Мин за внатрешни работи 10 203 000 39,06%
Извор: МФ
Во групата ресори кои за пет месеци успеале да реализираат околу една третина или помалку од годишниот план за капитални инвестиции се Министерството за правда со 20,62% и МНР со 10,76%. Во оваа група се и два ресори со повисоки износи за капитални расходи: Министерството за образование кое доби на располагање 36 500 000 евра, на крајот на мај испорачало реализација од 30,03% и Министерството за здравство кое од вкупниот буџет во износ од 6 666 000 евра, потрошило 31,56%.
Реализација на капитални расходи 31 мај
Мин за јавна администрација 85,8%
Мин. за транспорт 67,0%
Мин за спорт 58,6%
Мин. за земјоделство 55,8%
Мин. за социјална политика 50,0%
Извор МФ
Повеќе од 50% реализација испорачаа неколку ресори, меѓу кои и такви кои менаџираат инфраструктурни проекти. Министерството за транспорт од вкупните капитални расходи во износ од скоро 200 000 000 евра, за пет месеци потрошило 132 769 838 евра или остварување од 67% во однос на годишниот план. Реализацијата на капиталните расходи во Министерството за земјоделство изнесува 55,83% а скоро 50% остварување испорачало и Министерството за социјална политика и демографија, со потрошени 3 155 000 евра. Министерството за спорт реализирало 58,6% од капиталните расходи а Министерството за јавна администрација 85,85%.
Дел од институциите на државно ниво за пет месеци имаа незначителен резултат во реализација на капиталните расходи. Така Собранието на РСМ испорачало остварување од само 3,36% иако на располагање има околу 4 200 000 евра за оваа намена. Одредени агенции и дирекции за првите пет месеци не потрошиле ниту денар од годишната сума планирана за капитални инвестиции.

