СветСветот на работникот

Автомобилскиот гигант поради Кинезите отпушта 800 инженери

Францускиот произведувач на автомобили Рено соопштил дека до крајот на 2027 година планира да укине 800 работни места во секторот инженеринг во Франција.

Отказите се производ на желбата Рено да ја зголеми конкурентноста во однос на кинеските производители на возила, пренесува Ројтерс.

Како што наведуваат од Рено, намалувањето на бројот на вработени ќе биде спроведено преку програма на доброволни заминувања, а ќе се однесува на дел од вкупно околу 5.500 вработени во инженерскиот сектор во таа земја.

Од француската компанија наведуваат дека планот е дел од стратегијата на прилагодување на се’ поинтензивната конкуренција од страна на кинеските автомобилски произведувачи, кои во последните години освојуваат се’ поголем удел на европскиот пазар благодарение на пониските трошоци и пократките рокови за развој на нови модели.

Рено уште во април најавил дека има намера во текот на наредните две години да го намали вкупниот број на вработени во секторот инженеринг на светско ниво за помеѓу 15 и 20 %, што би можело да опфати до 2.400 работни места.

Компанијата тогаш навела дека сака да стане поагилна и поефикасна во услови на зголемена конкуренција на светскиот пазар на автомобили.

Францускиот произведувач, како и другите традиционални европски автомобилски концерни, се соочува со растечки притисок од кинеските конкуренти, особено во сегментот на електричните возила, каде кинеските компании бележат брз технолошки развој и конкурентни цени.

Како што наведуваат од Рено, планираното намалување на бројот на вработени е дел од сеопфатната трансформација на работењето насочена кон забрзување на развојот на нови модели и зголемување на профитабилноста на компанијата во наредните години.

Извор: b92.net