„Бегај од нашите луѓе“: Очаен гастарбајтер открил низ каков пекол поминува во Германија поради газда од Балкан
Во Германија живеат голем број на луѓе од Балканот кои во таа земја отишле во потрага по подобар живот. Некои имале среќа, па веднаш нашле работа кај чесен работодавач кој на време ја исплаќа платата од која колку-толку можат нормално да живеат. Други пак, не ја имале таа среќа, па во потрагата по работа поминале полошо отколку што би поминале дома.
Еден корисник на Фејсбук групата „Балканци во Германија“, каде членуваат луѓе од подрачјата на поранешна Југославија кои сега живеат и работат во Германија, го напишал своето искуство со еден шеф кој исто така потекнува од Балканот и поради кој многумина во групата напишале зошто никогаш не би работеле за наш човек.
Дојдов во околината на Штутгарт пред шест месеци преку наш човек (човекот од Балкан има фирма тука). Ми вети саатнина од 15 евра бруто, осигурано сместување, се’ чисто. Кога стигнав, не’ смести четворица во една соба, влага, заеднички тоалет со уште осум луѓе. Ама ајде, реков ќе издржам додека не почнат парите. Првата плата доцнеше 20 дена. Кога стигна, ми одбил 450 евра за тоа „сместување“ и за уште некои измислени трошоци за документи, одвај ми остана за кифла, ја започнал тој својата приказна.
„Молчев и учев германски“
Кога проговорев, ми рече: „Ако не ти се допаѓа, пакувај ги куферите, има стотици на граница кои одвај чекаат да го земат твоето место, и онака уште си на пробна работа“. Дали сум јас луд или ова станало нормално, нашите луѓе овде да не газат повеќе од Германците? Има ли смисла да се пријави ова во инспекција или да се пакувам за дома? Ве молам за совет бидејќи сум очаен – прашал тој во Фејсбук статусот.
Многумина веднаш го советувале да најде друга работа.
„DHL секогаш те чека, те газат, ама работиш нормално, платата е уредна и на време. Штом научиш малку јазик, ќе најдеш подобра работа. А на тој речи му да се носи“, му советувал Аднан, додека Лејла му рекла да го пријави нечесниот работодавач: „Инспекцијата одвај чека такви и веќе се запознаени со тоа што го прават ‘газдите’ од Балканот.“
Имало и коментари во кои го бранеле нечесниот газда, па така извесен Миле прашува на основа на што овој работник воопшто би можел да го пријави својот работодавач.
Прво распрашај се колкава е минималната саатнина, а како второ, секој си го плаќа станот. Некој ги доведува, им плаќа пат, им дава стан, работа и тие се бунат, а верувам дека ни „добар ден“ не знаат да кажат на германски. Што вие не го вработите и му дадете 20 евра на час, храна и сместување кога имате толку добро срце? Јас кога дојдов во 1994, работев за 12 марки скоро една година, станот го плаќав сам, но молчев, учев германски и запознав други работници и потоа најдов подобра работа. Германец никогаш не би го довел, а ниту би му дал да работи. Затоа не лупајте глупости.
Саатнината од 15 евра е одлична за почетници и мора сам да ги плаќа обврските. Тоа не е ропство. Од јануари 2026, минималната саатнина е 13,90 евра. Значи добил и поголема плата. Некој го довел. Би требало да биде малку благодарен. Работат шест месеци и ги знаат сите закони. Ние кои сме 30 години и повеќе во Германија би требало да имаме 100 евра на основа на нивната саатнина. Искуството и јазикот се услов за плата, му напишал во коментар.
„Полесно ќе најдеш друга работа“
Други на тоа рекле дека вработените во DHL имаат добра плата и од заработката можат сами да изнајмат стан во кој ќе живеат како луѓе, а не како робови, како што било случај со претходниот пример.
Таа саатнина од 15 евра на црно не е ништо во градежништвото. Сместувањето е нула бодови. Колку и да се буниш, тој донел работници за да заработува на нивниот грб и тоа што им дал плата по 20 дена, им се посреќило, кој знае кога ќе ја добие следната и се’ повеќе ќе им одбиваат за нешто. Кој не го знае нашиот народ, гадно се излажал.
Пријави го газдата во инспекторатот па ќе му ја затворат фирмата, а ти, ако имаш документи, односно работна дозвола, лесно ќе најдеш друга работа. И овојпат бегај од наши луѓе, само кај Германци, бидејќи тие работат по закон.
„Во Германија се работи за Германец, а не за Балканец! Тоа треба да биде главното правило за нашите луѓе кои одат во Германија“.
Ова е една од пораките што се појавија во дискусија меѓу работници од Балканот кои живеат и работат во Германија и Австрија, а кои предупредуваат на честите злоупотреби, лажни ветувања и експлоатација од страна на газди од поранешна Југославија.
„Првиот разговор со адвокат е бесплатен“
„Која логика, ќе си заминеш од дома од нашите лоши луѓе и ќе дојдеш овде кај истите такви наши луѓе. Извини, другар, ама не гледам логика. Требало тогаш да останеш долу и мирна Босна“, пишува еден од учесниците во дискусијата.
Друг додава дека работниците мора да бараат сè да биде регулирано на хартија:
„Без непотребно паметување, тоа што ти стои во договорот должен е да ти го плати. И сè може да се докаже – или начинот на исплата, или си потпишал кога си ги примил парите. Можеш да го пријавиш ако си чист (виза, договор). Секако, треба да знаеш дека си на пробна работа, а колку долго трае пишува во договорот. Но биди сигурен дека после тоа леташ и од работа и од таа соба“.
Во коментарите се советува работниците да побараат правна помош доколку имаат документи и докази.
„Ако имаш документи, оди кај адвокат, првиот разговор е бесплатен. Ако немаш ништо напишано, трпи и премини кај некој друг. Сто метри подалеку ќе најдеш работа и со јазик и без него. Визата нема врска со промена на работа. И отсега секое решение што ќе го добиеш нека биде напишано, со датум и време, и не плаќај ништо без сметка“.
„Штом дадеш отказ, ќе те исфрли од станот“
Еден од советите е работниците што се соочуваат со проблеми веднаш да најдат нов работодавец и ново сместување.
„Најди нова работа, направи договор и оди во Ausländerbehörde поради промена на работа. Кажи дека твојот шеф не се придржува до договорот. Ќе добиеш нова согласност за новата фирма и задолжително, ако не знаеш германски, поведи преведувач. Се чека недела или две, но мораш да најдеш нов стан бидејќи тој е од првиот газда. Штом дадеш отказ, ќе те исфрли од станот, така што мора да имаш стан, инаку нема да добиеш дозвола“.
„Нашите се најлоши“
Во дел од коментарите може да се забележи и разочараност од односот на луѓе од Балканот кон сопствените сонародници во странство.
„Ако бегаш од такви шерифи долу, тогаш немој да одиш кај истите такви овде. Жал ми е што луѓето така ги мамат, ама немојте веќе да наседнувате на приказни. Нема ‘лесно ќе ти биде кога ќе ти легне платата’ и ‘доведов веќе 100 луѓе’. Каде се тие луѓе сега? Половина се вратиле ограбени и исцрпени, половина избегале што подалеку од такви луѓе“.
Друг корисник додава:
„Така е кога слепец ќе прогледа. Јас во Австрија имав понуди кај наши луѓе, ама не прифатив ниту една. Нашите се најлоши. Работам кај Германец и ако си нормален, брзо те прифаќаат. Битно е солидно да знаеш германски и нема зима. А нашите… подобро да не пишувам… таков ни е менталитетот, чест на исклучоците за кои сè уште не сум слушнал“.
Извор: Telegraf Biznis

