ЕкономијаМакедонија

Бошков предлага минималната плата да се вклучи во Законот за работни односи

Се догоривме дека ќе се договараме, конкретен договор нема. Се надевам дека во овој период, до законското усогласување на минмалната плата имаме шанси да преговараме меѓутоа на оваа седница имаше разговори за модели како можеме да ја договараме минималната плата, рече Претседателот на Бизнис Конфедерација на Македонија, Миле Бошков по завршувањето на седницата на Економско – социјалниот совет.

„Еден од предлозите на Бизнис Конфедерација на Македонија е во рамки на Законот за работни односи да се прошири колективното договарање, со што ќе се вклучи и минималната плата, особено во одредени сектори. Нашиот предлог е дека со договарањето на минимална плата во одредени сектори можат да се намалат и злоупотребите“, рече Бошков додавајќи дека топката е помеѓу синдикатите и работодавачите.

Бошков истакна дека премиерот покажал интерес за зголемување на минималната плата поради зголемувањето на приходите во буџетот, меѓутоа реалната состојба според истражувањата и податоците на Државниот завод за статистика и Централниот регистар е дека профитабилноста на македонските компании се движи од 2 до 5 %.

„Енормно зголемување на минималната плата во овој момент е невозможно, меѓутоа имаме шански да преговараме и да видиме кој ќе биде износот на минималната плата“, посочи Бошков.

Дополни дека до март оваа година тешко дека ќе може да се утврди зголемување на минималната плата.