Британското Министерство за финансии нуди до 100.000 фунти за доброволно заминување од работа
Министерството за финансии на Велика Британија започна програма за доброволно заминување од работа, во рамки на која на своите службеници им нуди до 100.000 фунти (околу 115.450 евра) за да ја напуштат државната служба, пренесува Ројтерс.
Според плановите на министерката за финансии Рејчел Ривс, бројот на вработени во Министерството треба да се намали од сегашните околу 2.100 на приближно 1.800 до 2030 година, што значи дека околу 300 работни места би можеле да бидат укинати.
Оваа мерка е дел од пошироките напори на британската влада за намалување на административните трошоци за 16 отсто. Доколку бројот на доброволни заминувања не биде доволен, Министерството за финансии би можело да побара и отпуштање на дел од службениците во своите канцеларии во Лондон, Дарлингтон, Норич и Единбург.
„Министерството за финансии е најголемо досега, така што во овој период на стабилност е исправно да ја намалиме неговата големина на понормално ниво преку шема за доброволно заминување, во согласност со целата влада“, соопштија од Министерството за финансии за Фајненшл тајмс.
Извор: b92.net

