Хрватските пензионери најсиромашни во Европа: Нема да поверувате кои се најбогати
Хрватските пензионери се меѓу оние во Европа чии пензии најслабо ги покриваат реалните трошоци за живот, покажува анализата на DataPulse, глобална аналитичка платформа за податоци.
Според споредбата, просечната пензија во Хрватска не успева да покрие околу 40 отсто од проценетите животни трошоци на постарите лица, кои вклучуваат домување, исхрана, комуналии и други основни потреби.
Истражувањето со наслов „Ќе го покрие ли пензијата мојот живот во пензија? Годишни трошоци наспроти државни пензии во Европа“ покажува дека мнозинството европски држави се соочуваат со проблем на недоволни пензии. Бидејќи трошоците значително ги надминуваат износите на пензиите, пензионерите мора да бараат дополнителна финансиска поддршка – преку заштеди, помош од семејството или дополнителни извори на приходи.
Само во четири земји – Романија, Чешка, Полска и Шпанија – пензионерите можат да бидат релативно задоволни, бидејќи успеваат да ги покријат поголемиот дел од своите трошоци без дополнителни приходи.
Сепак, оваа споредба доведува до прилично необичен заклучок: романските пензионери, гледано преку односот меѓу пензијата и трошоците за живот, се релативно најбогати во Европа. Нивните пензии ги надминуваат трошоците за 21 отсто. Зад овој резултат веројатно стои фактот што трошоците за живот во Романија се значително пониски отколку во повеќето други европски земји, а државните пензии се доволно високи за да ги покријат основните издатоци. Затоа, иако апсолутно не примаат високи износи, романските пензионери според овој показател „изгледаат“ релативно богато.
Спротивно на тоа, во земји како Хрватска, иако апсолутните пензии често се повисоки отколку во Романија, трошоците за живот се пропорционално повисоки, па пензиите покриваат помал дел од реалните издатоци. Поради тоа, хрватските пензионери имаат еден од најизразените пензиски „дисбаланси“ во Европа.
Во групата на „неповолни“ се наоѓаат и словенечките пензионери, кај кои трошоците ги надминуваат пензиите за 39 отсто. Сепак, особено изненадува нискиот ранг на богатите земји: во Луксембург, најбогатата земја во ЕУ според БДП по жител, трошоците се поголеми од просечната пензија за 34 отсто, а во Германија за 33 отсто.
Ако просечната пензија во Хрватска е за 40 отсто пониска од трошоците, се наметнува прашањето од каде се финансира просечната потрошувачка на постарите лица. Се претпоставува дека дел од нив работат, имаат други извори на приходи, како продажба на недвижности или трошење заштеди. Сепак, тоа може да си го дозволи само мал дел од пензионерите.
За толкување на овие резултати, оценуваат економистите, клучно е прашањето како се пресметуваат просечните трошоци за живот. Истражувањето наведува дека станува збор за „проценети просечни годишни трошоци на лица постари од 60 години“.
Што покажува односот меѓу просечната пензија и просечната потрошувачка на лицата постари од 60 години?
„Пензии примаат само некои, а не сите лица постари од 60 години, додека во потрошувачката влегуваат сите“, забележува еден економист, истакнувајќи дека би било пологично да се споредува потрошувачката на пензионерската генерација со онаа на работоспособната популација, или нивните главни извори на приходи – на пример, пензии во однос на плати.
„Тогаш би виделе колку пензионерите заостануваат по животниот стандард во однос на работно активното население. Вака се споредува пензија со потрошувачка во рамки на иста генерација. Разликата може да произлегува од други извори на приходи – кирија, трошење заштеди, сива економија…“, наведува тој.
Дополнителна слабост на истражувањето е тоа што се споредува бруто пензија со реална, нето потрошувачка. Економистите сметаат дека би било посоодветно да се споредуваат нето пензии со потрошувачка. Во Хрватска, пензиите се оданочуваат помалку отколку во повеќето други земји, а пензионерите не плаќаат задолжително основно здравствено осигурување. Ако и тоа се земе предвид, Хрватска веројатно и понатаму би била меѓу полошо рангираните, но можно е да прескокне некоја земја на листата.
Податоци на Евростат
Според податоците на Евростат, на кои се надоврзува анализата, просечната пензија во ЕУ во 2023 година изнесувала околу 58 отсто од приходите од работа пред пензионирање. Тоа значи дека лице кое заработувало 100 евра во доцната фаза од кариерата, во пензија прима околу 58 евра.
Најнискиот однос во таа година е забележан во Хрватска – 35 отсто, додека во Грција изнесувал дури 78 отсто, во Шпанија 77 отсто, а во Италија 75 отсто. Речиси секој шести пензионер во ЕУ се наоѓа во ризик од сиромаштија, при што стапката пораснала од 12 отсто во 2013 година на 15,5 отсто во 2023 година, што дополнително ги нагласува предизвиците за обезбедување доволни приходи во староста.
Кога станува збор за издатоците за пензии, последните официјални податоци на Евростат се однесуваат на 2022 година и покажуваат дека тие во просек изнесуваат 12,2 отсто од БДП. Хрватска е приближно во средината на листата, со 8,9 отсто. Сепак, во последните години овие издатоци растат: минатата година изнесувале околу 10 отсто од БДП, а за оваа година уделот е зголемен на 10,4 отсто.
Највисоки удели во 2024 година имаат Италија (15,5 отсто од БДП), Франција (14,7 отсто), Грција (14,3 отсто) и Австрија (14,2 отсто). Од друга страна, најниски се во Ирска – само 3,8 отсто, и на Малта – 5,6 отсто.
Податоците од државниот буџет на Хрватска покажуваат дека пензиските издатоци во 2023 година биле приближно исти како и во 2022 година, мерено како удел во БДП, но потоа почнуваат да растат, така што за 2025 година се проценуваат на околу 10 отсто од БДП, а за 2026 година со државниот буџет се предвидени на ниво од 10,4 отсто од БДП.
Извор: b92.net

