Брутално поскапување на цените на горивата во ЕУ: Дизелот скокна за дури 33 проценти
Цената на горивата и мазивата за личен транспорт во Европската унија се зголеми за 20,8 проценти во април оваа година, во споредба со истиот месец во 2025 година. До февруари оваа година, цената на горивата и мазивата во ЕУ генерално паѓаше и за просекот на Унијата и за повеќето земји-членки.
Овие цени се зголемија во сите земји од ЕУ во април, при што 15 од нив забележаа зголемување од над 20 проценти, соопшти Европската канцеларија за статистика.
Најголем скок на цените на годишно ниво е забележан во Луксембург – 33,8 проценти, Франција и Шведска – по 29,3 проценти, Латвија 28,1 процент и Бугарија 27,8 проценти. Најмали зголемувања на цените се регистрирани во Унгарија – 1,5 проценти, Полска 8,8 проценти и Италија 12,9 проценти.
Цените на дизелот се зголемија за 33,7 проценти на годишно ниво, а на бензинот за 13,6 проценти во април, додека на месечна основа растот изнесуваше 7,9 проценти за дизелот и 2,4 проценти за бензинот, според веб-страницата на Евростат.
Гледано по земјите-членки на ЕУ, најголемо месечно зголемување на цените на дизелот е пријавено во Словенија (23,5%), Бугарија (19,5%) и Кипар (18%), а најниско во Полска (1,9%), Романија (2,3%) и Бугарија (2,6%).
Кога станува збор за цените на бензините, 23 земји од ЕУ забележаа зголемување помеѓу март и април 2026 година, почнувајќи од 12,9% во Словенија до 1,3% во Ирска. Од друга страна, Романија (-1,2%), Шпанија (-4,6) и Полска (-6,1%) забележаа намалување во април во споредба со претходниот месец.

