Дурмиши и Ристески на средба со бизнис заедницата: Владата продолжува со мерки за поддршка на домашните компании
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши и заменик-министерот Марјан Ристески денеска остварија работна средба со претставници на трите најголеми бизнис-комори во државата и Организацијата на работодавачи на Македонија, на која се разговараше за актуелната економска состојба, предизвиците со кои се соочува бизнис секторот и мерките за поддршка на домашните компании.
На средбата присуствуваа Горан Ѓорѓиевски – претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија, Нухиу Алиу – претседател на Стопанската комора на Северо-Западна Македонија, Антони Пешев – извршен директор на Стопанската комора на Македонија, Владанка Трајкоска – претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија и Ангел Димитров – претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија.
Во фокусот на разговорите беа економската состојба во државата, глобалните економски ефекти и енергетската криза предизвикани од воениот конфликт на Блискиот Исток, како и владините мерки за поддршка на домашните компании и зачувување на нивната ликвидност и конкурентност.
Дурмиши и Ристески ги информираа претставниците на коморите за тековните активности на Министерството за економија и труд насочени кон подобрување на бизнис-климата и обезбедување конкретна поддршка за компаниите.
„Владата и Министерството за економија и труд континуирано работат на креирање мерки и политики за поддршка на домашните компании, за нивен побрз раст и развој, како и за зголемување на нивната конкурентност на меѓународниот пазар. Во моментов активни се повеќе јавни повици и програми кои се директно наменети за поддршка на стопанството. Со измените во Законот за финансиска поддршка на инвестициите го продолживме рокот за аплицирање до 15 јуни, а до 30 јуни е активен и Јавниот повик за поддршка на микро, малите и средните претпријатија и занаетчиите преку субвенции за набавка на нови машини. Наскоро ќе биде донесен и Оперативниот план за вработување, кој содржи значајни мерки за поддршка на компаниите и отворање нови работни места“, беше истакнато на средбата.
На средбата беше упатен апел до коморите и нивните членки активно да ги следат јавните повици и огласи што ги објавуваат Владата и министерствата и, согласно своите потреби и можности, да аплицираат за достапната институционална поддршка.

