ЕкономијаСвет

Егзодус на ултрабогатите: Зошто американската елита масовно купува „златни визи“ и странски пасоши и каде точно бега?

Исклучително богатите Американци земаат повеќе дозволи за престој и државјанства од истата причина поради која ги диверзификуваат своите акциски портфолија – за да се заштитат од ризiкот во непредвидливиот свет, велат за Форбс експертите за инвестициска миграција.

САД ја замениле Кина како најголем пазар за клиенти кои бараат второ или трето државјанство, рекол за Форбс Ерик Мејџор, извршен директор и претседател на консултантската фирма за инвестициски миграции Latitude World.

Повеќе од шест од десет Американци, односно 61 % од оние кои годишно zаработуваат преку 200,000 долари, размислуваат да се преселат во друга земја во наредните пет години, покажува студијата која нареден месец ќе ја објави Apex Capital Partners, консултантска фирма која им помага на луѓето да обезбедат сместување и државјанство.

Henley & Partners објавил дека барањата на американските државјани кои бараат алтернативна земја или државјанство пораснале за 183 % на годишно ниво во првиот квартал на 2026 година, откако Трамп бил избран за втор мандат.

Значајно пораснал и бројот на Американци кои поднесуваат барања за државјанство по основ на потекло во Европа или Канада.

Изненадувачки податок

Прв пат од Големата депресија (периодот од 1929 до 1939 година), во 2025 повеќе луѓе го напуштиле САД отколку што се доселиле, објавил The Wall Street Journal. Иако администрацијата на Трамп негативната нето миграција ја претставува како успех на депортацијата и рестриктивните визи, и американските државјани ја напуштаат земјата во рекорден број.

Зошто богатите Американци бараат второ и трето државјанство?

„Моите клиенти ми велат: ‘Сакам комбинација. Сакам две државјанства и зелен картон’“, рекол Мејџор за Форбс. Вели дека има клиенти кои ги собираат „како маркици, бидејќи тоа ги интересира, наместо да купуваат Ролекси и Ламбурџинија“.

Богатите Американци ја гледаат диверзификацијата на државјанствата како заштита од финансиски и геополитички ризици по турбуленциите во последната деценија.

Мејџор наведува дека мотивите на клиентите се движат од загриженост за безбедноста и слободата на движење до животниот стил.

Како главни причини за размислувањето за заминување од САД, испитаниците ги навеле трошоците на живот (68 %) и политичката ситуација (54 %).

„Луѓето од левицата се плашат дека Трамп би можел да се кандидира за трет мандат… а луѓето од десницата се плашат дека некој како Мамдани (Зохран Мамадани, градоначалник на Њујорк заб. ав.) би можел да почне да национализира работи – така што, сите се загрижени“, рекол тој за Форбс.

Нов Зеланд добар избор „ако започне Трета светка војна“

За американските клиенти од категоријата ултра – богати, со околу 100 милиони долари инвестициска вредност, Нов Зеланд станал популарен избор, рекол Мејџор за Форбс.

„Се зборува на англиски, на другата страна на светот е. Ако избие Трета светска војна, тоа е прилично добро место за престој. Но не е евтино. Влезната цена за зелен картон е пет милиони новозеландски долари – околу три милиони американски – и тоа е инвестиција, а не донација“, рекол тој.

Нов Зеланд, осми на листата на Индекост на Henley & Partners Global Residence Program, добива највисоки оценки за репутацијата и квалитетот на живот.

Европа е се’ поизискувана, но до државјанство е тешко да се дојде

Исклучително богатите Американци „многу се заинтересирани за Европа, но за државјанство, не за престој“, рекол Мејџор наведувајќи дека државјанството на една земја овозможува непречено движење во 29 европски држави од Шенген зоната.

Но патот до Европа станал потежок во последните неколку години поради промената на неколку популарни програми.

Пред две години, грчката програма „златна виза“ – која овозможувала постојан престој, но не и државјанство – го подигнала минималниот праг на вложувања од 250,000 евра (односно 290,000 долари) на дури 800,000 евра (односно 928,000 долари) на најбараните пазари во земјата.

Во април 2025 година, Шпанија ја укинала својата програма за златни визи по жалбите на жителите дека големиот прилив на странци ги подигнал цените на недвижностите.

Минатиот месец, Португалија го удвоила условот за престој пред поднесување на барање за државјанство од пет на десет години.

А по минатогодишната пресуда на Европскиот суд на правата, со кој е укинат популарниот малтешки модел на државјанство преку инвестиции, таа земја се свртила кон потесна и посубјективна рамка: „државјанства по заслуга“, во која од подносителот на барањето, покрај директните финансиски инвестиции, се бара да дадат исклучителни придонеси.

И со строгите правила, Малта останува популарен избор меѓу неговите клиенти, рекол Мејџор.

Обединетото Кралство, кое повеќе не е дел од Европската унија, забележало скок на барањата од Американци за државјанство во месеците непосредно откако Трамп бил повторно избран, објавил The Guardian.

Карибите се најбрза и најевтина опција

Организацијата на источнокарипските држави е „нешто како ЕУ на Источните Кариби, каде, ако сте државјанин на една од седумте земји, имате право да живеете и да работите во останатите“, рекол Кац за Форбс, додавајќи дека добивањето на такво државјанство во главно е поевтино и побрзо отколку во другите делови на светот.

Американците можат и да купат карипско државјанство за околу 250,000 долари, со рок на обработка од четири до шест месеци.

Најлесен и најевтин начин до државјанство е по пат на потекло

Американците чии семејни стебла имаат корени во другите земји „земаат државјанство по потекло од Канада и Европа“, рекол Мејџор за Форбс, наведувајќи дека неговата фирма секогаш прво советува истражување на опциите.

Бројот на Американци кои бараат ирско државјанство по потекло – можност за лица со ирски родители или баби и дедовци – пораснал за 63 отсто минатата година.

Откако Канада ги укина генерациските ограничувања за оние што бараат двојно државјанство, наводно повеќе Американци поднеле барање за канадско државјанство отколку од следните девет земји на потекло заедно.

Зелената карта на Трамп се покажа како промашување

Набргу по тоа што претседателот Трамп започна втор мандат, неговата администрација почна да ја промовира Трампова златна карта (Trump Gold Card), нова виза која на богатите странци им ветува забрзан пат до престој во САД, заедно со олеснување со кое би избегнале плаќање американски данок на приходи од странство.

Кога програмата беше најавена, претседателот Трамп се пофали дека земјата ќе продаде еден милион визи Трампова златна карта по цена од пет милиони долари по парче.

Неколку недели подоцна, министерот за трговија Хауард тврдеше дека за време на една посета на Блискиот Исток продал 1.000 од тие визи во еден ден.

Но набргу стана јасно дека администрацијата на Трамп значително го преценила пазарот.

„Кругот на глобални ултрабогати поединци кои можат – и сакаат – директно да уплатат пет милиони долари е релативно мал, особено во споредба со алтернативите за престој преку инвестиции, кои се засноваат на вложување, а не на донација“, изјави тогаш Henley & Partners за Forbes.

До септември, американската влада ја намали цената на Трампова златна карта за 80 отсто, на еден милион долари, и го укина даночното олеснување.

Во февруари портпарол на Белата куќа изјави за Wall Street Journal дека политиките на администрацијата на Трамп привлекуваат „неброено многу ултрабогати странци“ кои „плаќаат еден милион долари за златна карта за да се населат во САД“.

Но два месеци подоцна беше одобрена само една Gold Card виза.

(Telegraf Biznis/Forbes)