Економија

ChatGPT добива увид во вашите финансии?

Во време кога вештачката интелигенција се’ подлабоко се вовлекува во секојдневниот живот, OpenAI ја тестира функцијата која би можела да го промени начинот на кој луѓето управуваат со своите пари и финансиски навики.

Станува збор за идејата ChatGPT, покрај досегашната улога во комуникацијата, пишувањето и пребарувањето информации, да добие можност да ги анализира личните финансии на корисниците. Новата функционалност подразбира поврзување со трансакциските сметки, за ВИ да може да ги следи трошоците, претплатите и шемите на трошење.

Системот, според наводите, би ја користел платформата Plaid, која веќе служи како мост помеѓу банките и финансиските апликации, па корисниците би можеле директно да ги поврзат своите сметки со ChatGPT.

Целта е вештачката интелигенција да стане дигитален финансиски асистент кој објаснува каде одат парите и овозможува подобра контрола на буџетот. Од OpenAI наведуваат дека системот би работел само во „read-only“ режим, што значи дека ВИ може да ги види податоците, но не и да извршува трансакции или да ги поместува парите. Со тоа, како што истакнуваат се намалува ризикот од несакани финансиски акции. Сепак, самиот факт дека чатботот би можел да има увид во банкарските податоци предизвикало расправа за приватноста и безбедноста.

Компанијата тврди дека корисниците во секој момент имаат контрола над сметките и можат да ги исклучат кога сакаат, но дел од јавноста изразува загриженост поради можноста на истекување на чувствителни информации како состојбата на сметките, долговите или податоци за кредитни картички.

Најинтересен аспект на оваа идеја е можноста ChatGPT да дава конкретни финансиски совети базирани на реални податоци. Наместо општи препораки, ВИ би можел да ја анализира потрошувачката и да укаже на шеми, како прекумерно трошење на достава на храна, неискористени претплати или ситни трошоци кои со текот на времето се насобираат.

Експертите оценуваат дека ова е логичен чекор во развојот на ВИ асистентите, бидејќи компаниите тежнеат кон тоа ваквите системи да станат дел од секојдневниот живот на корисниците, а не само алатка за повремена употреба. Долгорочна визија вклучува ВИ која управува со каленадарите, мејловите, шопингот и финансиите.

Сепак, се поставува прашањето колку корисниците се подготвени толкава количина на податоци да и’ ја препуштат на вештачката интелигенција. Додека едни во тоа гледаат практично решение за подобра контрола на трошоците, други предупредуваат на ризик од преголемо потпирање на технологијата. Засега функцијата во експериментална фаза е достапна само за ограничен број на корисници во САД, но доколку се покаже успешна, би можела да стане стандарден дел од идните ВИ системи и значајно да го промени начинот на кој луѓето управуваат со личните финансии.

Извор: b92.net