СветСветот на работникот

Црна Гора планира да прими околу 30.000 странски работници поради недостиг од работна сила

Црна Гора планира да ангажира речиси 30.000 странски работници со цел да го ублажи хроничниот недостиг од работна сила. Иако во секторот туризам има многу работни места, интересот кај домашните работници е сè помал. Но, проблемот не се ограничува само на оваа дејност.

Црна Гора веќе со години се соочува со сериозен недостиг од работници, а одлуката на Владата да овозможи влез на речиси 30.000 странски работници се оценува како неопходна мерка, истакнува политичкиот аналитичар Предраг Зечевиќ за РТВ Подгорица.

„Тоа е само една страна од приказната. Другата е дека системот за издавање работни дозволи во Црна Гора е застарен. Во Хрватска и Словенија, на пример, тој процес функционира попаметно – државите, заедно со стопанските комори, утврдуваат кои занимања недостигаат и колку квоти треба да се одобрат на тримесечно, шестмесечно или годишно ниво“, објаснува Зечевиќ.

Тој предупредува дека Црна Гора веќе се соочува со сериозни демографски предизвици, кои дополнително ќе се влошуваат со напредокот на земјата кон членство во Европската унија.

Во туризмот има работа, но нема работници

Од туристичкиот сектор порачуваат дека работни места има, но домашната работна сила сè поретко ја избира оваа дејност.

Потпретседателот на Одборот за туризам и угостителство при Стопанската комора, Лука Булатовиќ, истакнува дека многу луѓе попрво се одлучуваат за државни работни места бидејќи се помалку напорни, додека вредните и амбициозните професионалци не би требало да ја пропуштат шансата во туризмот, кој е клучна гранка на црногорската економија.

Иако платите во туризмот се меѓу највисоките во земјата, проблемот лежи во недоволното инвестирање во долгорочно вработување на домашните работници.

„Потребна е подобра координација меѓу државната управа и приватниот сектор за заеднички да се најдат решенија. Приватниот сектор сам не може да го реши овој проблем“, предупредува Булатовиќ.

Соговорниците заклучуваат дека без реформа на системот за вработување, подобро планирање и вложување во домашната работна сила, Црна Гора ќе стане сè позависна од увоз на странски работници, додека домашниот кадар ќе продолжи да бара посигурни и полесни работни места.

Недостигаат и занаетчии

За потсетување, кон крајот на минатата година беа објавени податоци според кои црногорскиот пазар на труд се соочува со голем парадокс: занаетите никогаш не биле подобро платени, но никогаш немало помалку занаетчии.

Градежните и техничките професии достигнуваат плати од 2.000 до 3.000 евра, додека поединечни мајстори, како керамичари, по еден ангажман можат да заработат и повеќе од 5.000 евра. И покрај тоа, земјата во 2023 година морала да издаде речиси 4.800 работни дозволи само за основни градежни работи.

Извор: M.A./EUpravo zato/biznis.rs