Дали лојалноста кон еден работодавач сè уште се исплати?
Пишува: Даниела Тодоровска Пепиќ, специјалист за човечки ресурси
Бидејќи зборуваме за лојалност, оваа статија ќе ја започнам со една интересна приказна. Можеби на некого ќе му изгледа како мала дигресија, но сметам дека носи важна порака што вреди да се сподели.
Станува збор за мојата омилена серија „Blacklist“ и ликот Рејмонд Редингтон. Во една ситуација кога се чувствува предаден од своите соработници, тој раскажува приказна од својата младост.
Кога имал 15 години, работел летна работа поставувајќи теписи кај човек по име Алберт Кодаголијан. Работата била тешка, напорна и здодевна. По неколку дена сакал да се откаже, исто како што направиле сите негови другари. Го прашал татко му за совет. Наместо да го праша дали му се допаѓа работата, татко му му поставил едно единствено прашање:
„Дали му даде збор на човекот дека ќе работиш цело лето?“
Кога Ред одговорил потврдно, татко му му рекол да остане затоа што го дал својот збор.
Така ги издржал најтешките осум недели во својот живот. Последниот ден газдата го повикал на страна и му кажал дека во изминатите 27 години ниту едно момче не останало до крај. Му дал бонус од 40 долари. Тогаш Ред вели дека тоа биле највредните пари што некогаш ги заработил, затоа што научил непроценлива лекција:
„Value loyalty above all else.“
Зошто е толку важна оваа приказна?
Иако зборува за едно поинакво време, таа отвора прашање што е подеднакво актуелно и денес – лојалноста на вработените. Колку е важно да стоиш зад својот збор, но и да покажеш почит кон оној што ти дал можност.
Во меѓувреме, генерациите се менуваат, а со нив и пазарот на труд. Живееме во време кога флуктуацијата на вработени е се поголема, особено во одредени индустрии, а задржувањето на квалитетни луѓе станува се потешко.
Сепак, оваа тема мора да се гледа од повеќе аспекти.
Mногу важно е и ова: работодавците во Македонија честопати не го ценат вработениот онолку колку што треба. Работникот е примен за една позиција, а позадински држи уште три. Иако тоа не го пишува во договорот, се подразбира дека ќе го правиш. Но не велам дека ни ова е сосем во ред. Ако во договорот не пишува дека треба да ја затвориме вратата на ладилникот, дали ќе ја оставиме отворена? Некои постапки се подразбира дека треба да се направат — се разбира, додека не се навлегува во друга професија. Да се очекува од нас да ја поправиме вратата ако не функционира — тоа е веќе преминување на граница.
Дали само вработените треба да бидат лојални?
Навистина е важно и би рекла неизбежно вработените да бидат лојални. Но дали само тие треба да бидат? Довербата е двонасочна улица, а лојалност без доверба — нема. Како очекуваме некој да ни биде лојален ако ние не сме лојални кон него?
Никој не работи некаде од љубов. Луѓето одат на работа за одредена цел: пари, кариера, желба за напредок, па дури и верба во мисијата и визијата на компанијата.
Порано лојалноста значеше пензија во една фирма, поголема плата, редовно унапредување и бенефиции. Денес работната средина е поинаква. Пазарот е поинаков. Компаниите постојано се реорганизираат и реструктуираат. Вештачката интелигенција напредува со темпо кое ги менува и работните процеси и обврските. И тогаш, како може лојалноста да биде толку важна кога не знаеме што не чека утре?
Верувам дека без лојалност не можеме ништо. Но кон кого е таа лојалност денес? Дали треба слепо да веруваме додека некој друг се богати на грбот на работникот? Или пак, подобро е да бидеме лојални само кон себе и да не размислуваме ако нашето добро е на штета на друг?
Јас би рекла: ниедното.
Лојалноста кон себе, своите цели и кариера е онаа кон која треба да се насочиме. Зошто? Зашто секој е заменлив. Лојални можеме да бидеме кон компанијата се додека ги исполнува нашите очекувања, а и ние нејзините. Ако некој се грижи за нас, редовно не наградува, не гради и не води нагоре секако дека ќе бидеме лојални. Исто како цвет на кого му треба вода, сонце, ѓубриво и земја за да расте. И секако — ако се укаже подобра можност за раст и напредок, другата страна не треба да се лути. На крајот од денот, секој работник е заменлив.
Колку е важна лојалноста?
Лојалноста е важна затоа што гради доверба, создава тимови, гради компаниска култура и заедница во која луѓето сакаат да останат. Но лојалноста е двонасочна улица. Не може да значи трпење неправди да прифатиме некој да не потценува, да не напредуваме, да го жртвуваме здравјето и семејството. Колку сакаме да ни се покаже лојалност, толку треба и ние да дадеме.
Кога треба да се каже „доста”?
Нема универзално правило. Лично, јас ќе кажам „доста” кога ќе стагнирам во иста позиција без можност за напредок, кога платата ќе биде под пазарната вредност и нема да расте, кога трудот нема да се вреднува туку ќе се уназадува, и кога комфор-зоната ќе биде поизразена од самата вредност на работата.
Лојални можеме да бидеме додека постои заемна почит, доверба и можност за раст. Кога тоа ќе се изгуби, а остануваш само поради страв од новото — тоа не е лојалност, тоа е стагнација. А кој сака да стагнира?
Денес, најдобрите организации не бараат слепа лојалност — туку создаваат средина во која луѓето сакаат да останат и свесно избираат да останат, дури и кога им се нудат други можности.
Затоа, прашањето „Колку години остана вработениот?” би го заменила со: „Каков беше неговиот раст во компанијата? Дали растеше заедно со неа?”
Тоа е многу поздрава и пореална дефиниција за лојалност денес.

