ЕкономијаСвет

Економски колапс на најбогатата земја на светот: Потполна парализа на економијата

Катар, земја која со децении важела за синоним за невидено богатство и економски раст, се соочува со потполна парализа на економијата.

Иранските напади и блокадата на поморскиот сообрќај во Ормутскиот теснец ги прекинале виталните рути за извоз на гас, што довело до прекин на економскиот мотор на оваа држава.

Гасниот гигант на колена: Извозот во потполност застанал

Катар повеќе од 60 % од своите приходи ги остварува од извоз на природен гас, кој го трансформирал некогашното рибарско засолниште во една од најбогатите нации на светот. Меѓутоа, затворањето на Ормутскиот теснец значи дека повеќе од два месеци ниеден танкер со гас не го напуштил катарското крајбрежје.

Ситуацијата станала критична откако иранските проектили и дронови ја погодиле фабриката Ras Lafan, клучен индустриски центар, оштетувајќи ја виталната опрема и намалувајќи го производствениот капацитет за 17 %. Дури и ако тесенецот утре се отвори, ќе бидат потребни години за производството да се врати на нивото пред конфликтот.

ММФ предвидува драматичен пад на БДП-то

Економските губитоци се енормни. Државниот енергетски гигант Катар енерџи (Qatar Energy) веќе изгуби милијарди долари, додека секојдневните трошоци од изгубената продажба и закуп на бродови изнесува стотина милиони долари.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предвидува дека катарската економија оваа година ќе се намали за дури 8,6 %.

Покрај енергетската криза, земјата е отсечена и од увозните рути. Катар увезува околу 90 % од храната, а блокадата на морето ги принудила властите на екстремно скапата алтернатива. Свежата храна од Европа и житарици од Америка сега се носат преку скап авионски превоз или камиони преку Саудиска Арабија.

Како би ја спречила галопирачката инфлација, владата агресивно ги субвенционира цените на намирниците, па цените во супермаркетите засега пораснале за 5 до 10 %.

Празни луксузни трговски центри и заминување на странци

Амбицијата на Катар да стане глобален туристички и деловен центар, во што се вложени стотици милијарди долари низ Светското првенство и проектите како градот Лусаил, сериозно е раздрмана. Бројот на меѓународни посетители стрмоглаво опаднал, а многу мултинационални компании ги повлекуваат своите вработени од земјата поради страв од нестабилност.

„Ако дојде до масовен егзодус на странската работна сила, која го сочинува 90 % од населението, ситуацијата ќе стане застрашувачка“, предупредуваат аналитичарите. Иако Катар поседува суверен фонд од 600 милијарди долари, кој му овозможува да ги исплаќа платите и да ги одржува основните услуги, долгорочната штета по имиџот како стабилна инвестициска дестинација може да биде непоправлив.

Дали длабоките џебови можат да ја спасат Доха?

И покрај кризата, рејтинг агенцијата S&P Global го задржала рејтингот на Катар, верувајќи во огромното акомулирано богатство на земјата.

Властите во Доха прават се’ да проектираат смиреност и да го спречат колапсот на приватниот сектор, но експертите се согласни: судбината на најбогатата пустинска метропола сега исклучиво зависи од тоа колку Ормутскиот теснец ќе биде затворен.

Извор: b92.net