ЕкономијаСвет

Европска авиокомпанија во критична финансиска состојба: Акциите паднаа за 77 проценти

Норвешката нискобуџетна авиокомпанија „Норс Атлантик“ (Norse Atlantic) предупреди дека се наоѓа во критична финансиска состојба и дека ѝ е потребно дополнително финансирање за да ги задоволи краткорочните потреби за ликвидност и да продолжи со работењето.

Предупредувањето предизвика силен пад на вредноста на акциите на компанијата, кои денеска се намалија за околу 77 проценти, достигнувајќи историски најниско ниво, пренесува CNBC.

Од компанијата соопштија дека водат разговори со потенцијални финансиски партнери за обезбедување краткорочно финансирање, но предупредија дека нема гаранција оти преговорите ќе доведат до одржливо решение.

Финансиските проблеми дополнително се продлабочиле по наглиот раст на цените на авионското гориво и нарушувањата во снабдувањето поврзани со војната меѓу САД и Иран, која започна на 28 февруари.

Според податоците на Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA), цените на авионското гориво на годишно ниво се зголемиле за речиси 72 проценти, достигнувајќи 155 долари, односно околу 134 евра за барел, во неделата заклучно со 20 ноември.

„Норс Атлантик“, која не користи финансиски инструменти за заштита од промените на цените на горивото, веќе била принудена да го намали бројот на летови поради продолжениот период на високи трошоци.

Компанијата во вториот квартал забележала загуба од 8,4 милиони долари, односно околу 7,3 милиони евра, пресметана пред камати, даноци, амортизација и трошоци за закуп.

Уште во јули авиокомпанијата започнала формална постапка за разгледување на можностите за продажба или спојување со друга компанија. Воедно, води разговори со други авиопревозници за изнајмување на своите авиони „Боинг 787-9“.

Во октомври „Норс Атлантик“ склучила договор со пакистанската национална авиокомпанија PIA за изнајмување на два авиони од овој тип, заедно со екипажот, одржувањето и осигурувањето.

Проблемите на „Норс Атлантик“ се дел од пошироките предизвици со кои се соочуваат помалите европски авиокомпании, поради високите трошоци за гориво и послабата финансиска позиција во пресрет на зимската сезона.

Некои помали авиопревозници веќе ги прекинаа летовите или започнаа постапки за реструктурирање и заштита од доверителите.

Слични тешкотии пријави и британската нискобуџетна авиокомпанија „Изиџет“ (easyJet). Нејзината добивка пред оданочување во финансиската година завршена во септември паднала за 89 проценти, на 71 милион фунти, односно околу 81 милион евра. Дел од падот се поврзува со зголемените трошоци за гориво поради конфликтот на Блискиот Исток.

Извор: b92.net