Светот на работникот

Германија го преполовува бројот на визи за работници од Западен Балкан: Што значи тоа за граѓаните од регионот?

Од 1 јануари 2027 година Германија ја намалува годишната квота за работни визи за граѓаните од Западен Балкан од 50.000 на 25.000. Програмата останува во сила, но патот до работа во Германија ќе биде потежок за дел од работниците од регионот.

Германија од 1 јануари 2027 година ќе ја преполови годишната квота за работни визи во рамките на таканареченото Правило за Западен Балкан.

Наместо досегашните 50.000, годишно ќе бидат достапни 25.000 визи за работници од земјите опфатени со програмата.

Одлуката може да го отежне заминувањето на работници од земјите од Западен Балкан, но програмата нема да биде укината. Вкупната квота се однесува на шест земји од регионот, па затоа не е однапред утврдено колку визи ќе им бидат достапни на граѓаните од секоја земја поединечно.

Според дописникот на РТС од Германија, Ненад Радичевиќ, намалувањето на квотата било предвидено во коалицискиот договор меѓу германските демохристијани и социјалдемократи. Примената, според него, претходно била одложувана поради притисокот од градежната индустрија, која во значителна мера се потпира на работници од странство.

Како функционира Правилото за Западен Балкан?

Правилото за Западен Балкан им овозможува на граѓаните на земјите од регионот да добијат работна виза врз основа на понуда за работа, без претходно да мора да поминат низ долг процес за признавање на нивните професионални квалификации.

Радичевиќ наведува дека околу 98 отсто од луѓето кои дошле во Германија преку оваа програма продолжуваат да работат, додека само мал број завршуваат на социјална помош.

Меѓу секторите кои особено зависат од странска работна сила се градежништвото, угостителството и негата на стари лица.

Шефот на Единицата за истражување и аналитика во НАLED, Михаило Гајиќ, оценува дека намалувањето на квотата ќе го отежне заминувањето на работници од Србија, но дека во овој момент не може прецизно да се каже колку нови визи ќе бидат достапни за граѓаните на одделните земји.

Кои работници се најбарани во Германија?

Во Германија и натаму постои потреба од квалификувана работна сила во повеќе области.

Меѓу дефицитарните занимања се армирачите, тесарите, ѕидарите и други градежни работници, како и одредени професии во здравствениот сектор.

Побарувачката за ИТ-стручњаци и софтверски инженери, која во претходните години беше исклучително висока, повеќе не е на истото ниво.

Истовремено, и земјите од Западен Балкан се соочуваат со недостиг на работна сила, особено во градежништвото, сообраќајот и здравството. Поради тоа, на дел од градилиштата во регионот веќе работат работници од други земји.

Што се случува со оние кои веќе работат во Германија?

Намалувањето на квотата не значи дека работниците од Западен Балкан кои веќе легално работат во Германија ќе мора да ја напуштат земјата.

Промената се однесува на бројот на нови визи кои ќе бидат достапни од 2027 година.

Гајиќ посочува и дека миграцијата не мора да биде трајна. Дел од работниците по одреден период се враќаат во своите матични земји со ново работно искуство и стекнати вештини, додека оние кои остануваат во странство често испраќаат пари до своите семејства.

Извор: EUpravo zato