Германија изгубила 486.000 работни места: Индустријата и градежништвото најтешко погодени
Во првиот квартал од 2026 година, во Германија биле вработени околу 45,6 милиони луѓе, соопшти германскиот Сојузен завод за статистика. Според германските медиуми, меѓу јануари и март биле изгубени дури 486.000 работни места.
Иако падот на вработеноста на почетокот на годината е вообичаен, овојпат тој бил значително поизразен во споредба со претходните години. Дури и по сезонското прилагодување на податоците, Германија забележала загуба од 61.000 работни места.
Ова е трет последователен квартал во кој германскиот пазар на труд бележи пад. Особено погоден е индустрискиот сектор, кој со децении важеше за двигател на германската економска моќ.
Индустријата и градежништвото во сериозна криза
Индустријата и градежниот сектор се меѓу најпогодените гранки. Во споредба со истиот период минатата година, во фабриките и индустриските компании исчезнале 171.000 работни места.
Кризата дополнително се продлабочува и во градежништвото, каде што се изгубени уште 27.000 работни места. Голем број компании се соочуваат со слаба деловна активност, високи трошоци и сè посилна конкуренција од Кина.
Дополнителен притисок создаваат и глобалните кризи, како и забавувањето на светската економија. Особено ранливи се германските компании ориентирани кон извозот, пишува „Феникс Магазин“.
Нови работни места речиси само во јавниот сектор
Додека индустријата и градежништвото отпуштаат работници, нови вработувања речиси исклучиво се бележат во јавниот и општествениот сектор.
Во јавните услуги, образованието и здравството биле отворени 181.000 нови работни места, што претставува раст од 1,5 проценти. Сепак, целиот услужен сектор пораснал минимално – само за 0,1 процент.
Пад на вработеноста има и во други сектори. Во трговијата, транспортот и угостителството се изгубени 81.000 работни места, додека деловните услуги отпуштиле 72.000 работници. Намалување на бројот на вработени е забележано дури и во ИТ и комуникацискиот сектор.
Германската влада не очекува брзо закрепнување
Германската влада не очекува брзо подобрување на состојбата. Во најновиот месечен извештај на Министерството за економија се наведува дека „пролетното закрепнување на пазарот на трудот веројатно нема да се случи оваа година“.
Особено загрижувачки за Германија е фактот што, додека таму се губат работни места, вработеноста во остатокот од Европа продолжува да расте.
Во еврозоната вработеноста неодамна пораснала за 0,5 проценти, а во Европската Унија во целина за 0,6 проценти, што покажува дека Германија сè повеќе заостанува на европскиот пазар на труд.
Извор: b92.net

