СветСветот на работникот

Германска компанија заминува од Хрватска: Повеќе од 100 работници остануваат без работа

Германските сопственици на компанијата Ricosta Croatia одлучија да го затворат производствениот погон во Vukovar, со што без работа ќе останат околу сто вработени, претежно жени на возраст меѓу 50 и 60 години.

Производството на нивните чевли ќе продолжи во Унгарија, Романија и Бугарија, каде компанијата веќе има погони и каде минималната плата е пониска. Според податоците на Евростат, од јануари 2026 година минималната бруто плата во Унгарија изнесува 838 евра, во Романија 795 евра, во Бугарија 620 евра, додека во Хрватска изнесува 1.050 евра.

Од компанијата велат дека падот на продажбата бил главната причина за одлуката.

„Во време на криза луѓето штедат и купуваат помалку производи како нашите. Продажбата опадна, па најпрво се намали обемот на работа во овој погон, а на крај сопственикот одлучи дека е поисплатливо производството да продолжи во тие земји. Одредени се отказни рокови кои кај некои работници ќе траат и до три месеци, платите ќе се исплатат според договорите, а ќе добијат и отпремнини. Ова е конечниот излез на Ricosta од Хрватска“, соопштија од компанијата за Jutarnji list.

Според неофицијални информации, работниците во Ricosta не биле членови на синдикат, делумно и поради страв дека тоа би можело да им ја загрози работата или позицијата во компанијата. Проценките покажуваат дека синдикалното организирање во оваа индустрија е значително пониско отколку во други сектори – додека во образованието е околу 90 проценти, во оваа гранка се движи меѓу 35 и 40 проценти.

Од компанијата нагласуваат дека немало забрана за синдикално организирање и дека работниците сами одлучиле да не се зачленат.

„Компанијата претходно беше во сопственост на приватен сопственик кој не дозволуваше синдикално организирање. Немаше никакви притисоци од сегашниот германски сопственик, но работниците одлучија да останат надвор од синдикат, можеби и поради претходни искуства. Сите обврски кон работниците ги исполнивме коректно“, велат од компанијата.

Градоначалникот на Вуковар, Маријан Павличек, изјави дека градот немал надлежност да влијае врз одлуката за затворање на погонот, бидејќи тоа зависи исклучиво од инвеститорот. Сепак, локалната власт се обидела да им помогне на работниците да најдат нова работа.

Павличек посочи дека разговарал со компанијата Borovo за дел од работниците да се вработат таму, како и со вуковарската фирма Mistral. Писмо било испратено и до компанијата HAIX од Вараждин, која во производството на обувки вработува повеќе од илјада луѓе, со предлог да ги разгледа работниците од Вуковар доколку го прошири производството.

„Тоа е сè што градот успеа да направи за два дена, бидејќи на повеќе од тоа не можеме да влијаеме. Дел од работниците со кои разговарав ќе прифатат работа во Borovo, а дел ќе заминат во предвремена пензија“, изјави Павличек.

Ricosta GmbH е матичната компанија на Ricosta Croatia. Фабриката во Вуковар започнала со работа на 1 јануари 2016 година со 64 вработени.

По неколку години успешно работење, компанијата купила соседно земјиште со цел да го прошири производството и да изгради нова хала од 1.400 квадратни метри. Набавени биле дополнителни 40 машини во вредност од околу 1,35 милиони куни, а бројот на вработени до 2020 година пораснал на 124 работници.

Во октомври 2020 година се зборувало и за планови за дополнително проширување и нови вработувања. Тогашната прокуристка Аница Доркин изјавила дека целта била компанијата да достигне 150 вработени, што веројатно веќе би било остварено доколку не се случела пандемијата.

Само четири години подоцна ситуацијата значително се промени. Според податоците на FINA, вкупните приходи на Ricosta Croatia во 2024 година изнесувале 1,50 милиони евра, но годината била завршена со нето загуба од 140.605 евра.

Извор: b92.net