Граѓаните штедат, ама и подигаат кредит за потрошувачка, купување стан или автомобил
Во април годинава продолжи растот на штедењето и кредитната активност кај домаќинствата, покажуваат најновите податоци за монетарните движења. Депозитите на домаќинствата со месечен раст од 1,6%, односно 10,5% на годишно ниво, што, според анализите на Народната банка, главно се должи на растот на депозитните пари, долгорочните депозити во денари и краткорочните девизни депозити.
Паралелно со растот на штедењето, продолжува и засиленото кредитирање на населението. Во април, кредитите на домаќинствата остварија месечно и годишно зголемување од 1,0% и 11,9%, соодветно, под влијание на зголеменото кредитирање во денари и во странска валута, со поизразен придонес на кредитите во домашна валута.
Најголемо учество и натаму имаат потрошувачките и станбените кредити. Потрошувачките кредити во април се зголемиле за 1,2% на месечно и 11,2% на годишно ниво, додека станбените кредити бележат раст од 1,3% месечно и 16,2% на годишна основа. Раст е евидентиран и кај автомобилските кредити, кои се повисоки за 1,1% на месечно и 4,9% на годишно ниво.
Од друга страна, кредитите преку кредитни картички бележат пад од 0,5% на месечно и 4,6% на годишно ниво. Негативните салда на тековните сметки се намалени за 6,3 % во април, иако на годишна основа сè уште имаат раст од 3,7%.
Податоците покажуваат дека во април 2026 година паричната маса, односно монетарниот агрегат М3, е намалена за 1,3% на месечно ниво. Причина за тоа, пред сè, е намалувањето на краткорочните депозити и долгорочните депозити до две години. Сепак, на годишна основа М3 бележи раст од 9,4%, под влијание на зголемените депозитни пари и краткорочните депозити.
Вкупните депозити во банкарскиот систем се намалени за 1,4% на месечно ниво, што во целост се должи на падот на депозитите кај корпоративниот сектор. За разлика од компаниите, домаќинствата продолжиле да штедат и во текот на април. На годишно ниво, вкупните депозити бележат раст од 9,3% проценти, при што поголем придонес има секторот „домаќинства“.

