Македонски административци земаат неплатен одмор за сезонска работа во Хрватска
Сѐ поголем број Македонци заминуваат на сезонска работа во Хрватска, а покрај младите, последниве години таму работат и административци што користат неплатен одмор, како и „млади“ пензионери.
Најбарани се работни позиции како келнери, готвачи, шанкери, рецепционери и хигиеничари, а платите се движат од 1.000 до 5.000 евра, зависно од работата и бакшишот. Работодавците најчесто обезбедуваат сместување и храна.
Најголем интерес има за туристичките центри како Сплит, Дубровник, Задар и Истра, каде што сезоната веќе е во полн ек.
Според Зоран Кочоски од агенцијата „Коузон“, хрватските понуди се особено привлечни поради добрата заработка, можноста за работа без странски јазик и кратките сезонски ангажмани од два до три месеци.
Експертите предупредуваат дека овој тренд дополнително создава недостиг на кадар во македонското угостителство и туризам.

