Светот на работникот

„Doomjobbing“ – нов тренд што ја влошува анксиозноста при барање работа: Експертите предупредуваат како да се избегне

Откако Џонатан Клентон останал без работа во секторот за регрутација на кадар на почетокот од годинава, веднаш започнал потрага по ново вработување. Но, 39-годишниот Клентон наскоро сфатил дека поминува часови секој ден бесконечно прелистувајќи огласи за работа.

„Се чувствував како да сум зависен од социјални мрежи, измешано со анксиозноста дека морам да најдам работа“, изјавил тој за CNBC Make It.

За ваквото однесување денес постои и нов термин – „doomjobbing“, комбинација од „doomscrolling“ и барање работа. Под притисокот и стресот од невработеноста, многу луѓе постојано ги освежуваат страниците со огласи и панично аплицираат на нови позиции.

Илија Баграк, продукт-менаџер од Лос Гатос, Калифорнија, првпат јавно го употребил овој термин во објава на платформата Threads на 25 март.

„Пред две недели останав без работа. Мојата осумгодишна ќерка ме гледаше како постојано сум на LinkedIn и го нарече тоа ‘doomjobbing’“, напишал Баграк.

Тој објаснува дека губењето на работата донело огромна неизвесност. Како главен издржувач на семејството, во кое се неговата сопруга и двете мали деца, најмногу се грижел дали ќе може да ги покрие здравственото осигурување и ратата за станбениот кредит.

Токму тој стрес го натерал да поминува сè повеќе време барајќи и аплицирајќи за работа преку интернет.

Кариерната и лидерска тренерка Фиби Гевин вели дека бесконечното прелистување огласи можеби накратко создава чувство на контрола, но на крајот ги прави луѓето уште побеспомошни.

„На крајот се чувствуваат уште понемоќно и уште побезнадежно околу тоа кога и како ќе заврши нивната потрага по работа“, објаснува таа.

Зошто се појавува „doomjobbing“?

Според кариерната советничка Елијана Голдштајн, анксиозноста поврзана со барањето работа станува сè почеста во последните години.

„Пазарот на труд никогаш не изгледал потежок од сега и луѓето чувствуваат огромен притисок“, вели таа.

Таа објаснува дека традиционалните методи за барање работа повеќе не носат резултати како порано. Огласите добиваат огромен број апликации веднаш по објавувањето.

Според податоци на компанијата Greenhouse, објавени од Business Insider, просечен оглас за работа во средината на 2025 година добивал дури 242 апликации – трипати повеќе отколку во 2017 година. Во меѓувреме, расте и долгорочната невработеност, па секој четврти невработен бара работа повеќе од шест месеци, покажуваат податоците на американското Биро за статистика на трудот.

Поради силната конкуренција, многу кандидати чувствуваат дека мора да аплицираат што е можно побрзо и на што повеќе позиции за воопшто да добијат шанса за интервју.

Анкета на платформата Monster покажала дека 48 проценти од барателите на работа денес повеќе се фокусираат на брзина и количина отколку на селективност, додека 25 проценти аплицираат на речиси секоја работа што им изгледа достижна.

Клентон признава дека чувствувал огромен притисок да биде меѓу првите што ќе аплицираат на нов оглас, за неговото CV да не се „изгуби во морето од апликации“.

„Невозможно е да се следи сето тоа“, вели тој.

Слично размислува и Баграк.

„Пазарот е толку затегнат што времето е пресудно. Постојано чувствувате потреба да ги проверувате пребарувањата и известувањата за нови позиции“, вели тој.

„Ќе почнете да се сомневате во себе“

Елијана Голдштајн предупредува дека „doomjobbing“ создава само илузија на продуктивност.

Според неа, испраќањето огромен број апликации не ги зголемува шансите за успех, а аплицирањето на позиции што не одговараат на кандидатот најчесто резултира со повеќе одбивања и игнорирање.

„Тоа ќе ве направи анксиозни. Ќе почнете да се сомневате во себе и да се прашувате: ‘Дали сум лош кандидат? Што не им се допаѓа кај мене?’“, објаснува таа.

Таа додава дека ваквото однесување им одзема време и енергија на луѓето за многу поважни активности – создавање контакти, градење мрежа на познанства и работа на личниот професионален бренд.

Клентон признава дека неговата зависност од прелистување огласи почнала негативно да влијае и врз семејниот живот.

„Имаше моменти кога разговарав и се забавував со децата, а потоа одеднаш го земав телефонот и целосно се исклучував“, раскажува тој.

Тогаш решил дека мора да го промени пристапот пред тоа сериозно да влијае врз неговиот живот и луѓето околу него.

Како да се избегне „doomjobbing“?

Баграк вели дека морал да најде попродуктивен начин да се справи со стресот од барањето работа. Експертите препорачуваат три клучни чекори:

1. Насочете го пребарувањето

Елијана Голдштајн советува кандидатите прво јасно да дефинираат каква работа навистина сакаат и за што се квалификувани.

„Не можете да бидете соодветни за секоја работа што постои“, вели таа.

Наместо стратегија „аплицирај на сè“, експертите препорачуваат внимателно избирање позиции што навистина одговараат на искуството и вештините.

Клентон вели дека сфатил оти е многу поефикасно да одвои време за подобрување на биографијата и да аплицира само на работи што навистина одговараат на неговото искуство.

2. Ограничете го времето за аплицирање

Клентон вовел строго организирање на времето за да ја намали зависноста од постојано барање работа.

Тој секој ден одвојува точно определено време за:

  • аплицирање на работни позиции,
  • вмрежување и контактирање луѓе,
  • објавување содржини на LinkedIn за поголема видливост.

Надвор од тие периоди, се труди да се опушти преку прошетки, дружење со пријатели и време поминато со семејството.

Фиби Гевин советува луѓето да постават јасни граници и да избегнуваат проверување огласи во кревет или за време на вечера.

3. Потпрете се на контактите

Експертите сметаат дека градењето и одржувањето контакти е многу поважно од бесконечното прелистување огласи.

Според Фиби Гевин, кандидатите кои доаѓаат преку препораки и познанства многу побрзо наоѓаат работа отколку оние што се потпираат исклучиво на онлајн апликации.

Елијана Голдштајн препорачува луѓето активно да стапуваат во контакт со познаници и професионални контакти.

„Препораката секогаш драматично ги зголемува шансите да добиете одговор и можност“, заклучува таа.

Извор: CNBC Make it