ХОЛАНДСКА КОМПАНИЈА ПЛАНИРА ИНВЕСТИЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА Ќе произведува монтажни куќи за европскиот пазар
Компанијата „Тујнкамер“ веќе основала друштво во Скопје и со Дирекцијата на ТИРЗ ги разгледува можностите за отворање производствен капацитет, нови работни места и извоз на готови производи.
Холандска компанија планира да го прошири своето производство во Македонија преку потенцијална инвестиција во фабрика за монтажни куќи, чии производи би биле наменети за европскиот пазар. Станува збор за компанијата „Тујнкамер“, чии претставници денеска разговарале со директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Гоце Димовски, за можностите за реализација на инвестицијата во една од технолошко-индустриските развојни зони.
На средбата холандските претставници ги презентирале плановите за проширување на производството, како и потребите за избор на соодветна локација и производствен објект.
Компанијата е специјализирана за проектирање и изработка на објекти по мерка, а нејзината понуда опфаќа градинарски куќи, викендички, објекти за сместување гости и канцелариски простори за домашни дворови. Во производната програма се вклучени и префабрикувани модели, при што процесот ги опфаќа дизајнот, подготовката на елементите во сопствена работилница и конечната монтажа на локацијата на клиентот.
Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, ги презентирал можностите што ги нудат развојните зони, особено во однос на расположливите парцели и инфраструктурната опременост, во согласност со потребите на планираното производство.
Од Дирекцијата посочиле дека се подготвени да обезбедат детални информации за потенцијалните локации, насоки за инвестициските постапки и координација со надлежните институции во понатамошната разработка на проектот.
„Тујнкамер“ веќе има основано друштво во Македонија – „Тујнкамер ДООЕЛ Скопје“, преку кое се разгледуваат можностите за воспоставување производствен капацитет во земјата.
Доколку инвестицијата се реализира, таа би можела да донесе нови работни места, производство на готови производи наменети за извоз и вклучување на домашни компании во синџирот на снабдување, со што би се создала дополнителна вредност за македонската економија.

