ЕкономијаМакедонија

Има само четири години, а веќе остварило милионски доход: УЈП ги објави податоците за 2025 година

Четиригодишно дете е најмладиот примател на доход над еден милион денари во државата за 2025 година, покажува анализата на Управата за јавни приходи. Доходот го остварило од дивиденда, додека највозрасниот примател на милионски доход има 97 години и остварил приходи од пензија и од други извори.

Податоците се однесуваат на годишен доход во денари, а не на вкупната вредност на имотот што го поседуваат овие лица.

Според УЈП, за 2025 година биле поднесени над 860.000 даночни пријави од граѓани, што е зголемување од 10,6 отсто во споредба со 2024 година. Најголем број пријави има во Скопје, а потоа следуваат Штип, Прилеп, Битола, Тетово и Струмица.

Платите сочинуваат најголем дел од пријавениот доход. Највисокиот износ наведен во анализата по основ на плата достигнува 139 милиони денари и е остварен во дејноста „Вадење камен и јаглен“.

Сепак, трите највисоки исплатени дивиденди поединечно го надминуваат овој износ. Тие биле исплатени од компании во Гевгелија, Охрид и Арачиново.