ЕкономијаМакедонија

ИСОС иницира поедноставни правила за финансиско известување и помал административен товар за микро, малите и средните фирми

По повод 10. Ноември – Меѓународниот ден на сметководството, Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) организираше тркалезна маса на тема „Големи правила за малите бизниси: дали е време за поедноставно сметководство?“, посветена на иницијативата за поедноставување на административните постапки за микро и малите фирми. На настанот учествуваа претставници на институциите, стопанските комори и академската заедница, како и претставници на малите бизниси и на сметководствената професија.

На тркалезната маса, ИСОС предложи формирање заедничка стручна работна група со надлежните институции и бизнис-заедницата која ќе ги преиспита критериумите за големината на фирмите и обемот на финансиските извештаи што тие треба да ги подготвуваат. Целта е да се утврди кои барања се неопходни за точна слика за работењето, а кои можат да се поедностават за да се намалат непотребната административна работа и трошоците за компаниите.

Како основа за дискусијата, ИСОС претстави работна рамка што предвидува разработка на краток национален сметководствен стандард за микро претпријатијата. Тоа би значело усвојување посебен сет појасни и пократки правила за најмалите фирми, пропорционален со обемот на финансиски информации за нивното работење, како и намалување на непотребните трошоци за усогласување. За малите и средните претпријатија, рамката ја предвидува примената на МСФИ за МСП, односно меѓународниот стандард за финансиско известување наменет за оваа категорија компании.

„За сопственикот на мала фирма оваа иницијатива треба да значи појасни обврски и помалку време потрошено на непотребна администрација. Нашето барање е, заедно со институциите и бизнис-заедницата, да утврдиме кои финансиски информации се навистина потребни и каде постои простор за поедноставување. Точноста на податоците и професионалната одговорност на сметководителот остануваат основа на целиот процес. Со поедноставување и намалување на рутинските задачи, сметководителите би имале повеќе простор за анализа и советување, а фирмите би добиле поголема поддршка при планирањето и развојот на своето работење. Појасните и поедноставни извештаи им помагаат на сопствениците побрзо да носат квалитетни одлуки во динамично време на брзи промени, бидејќи навреме ги гледаат клучните информации, без да се губат во непотребни детали, а притоа се запазени највисоките професионални стандарди“, изјави Весна Прентоска, претседател на ИСОС.

Предложената рамка го отвора и прашањето за соодветниот степен на проверка на финансиските извештаи според големината на фирмата. Како можни решенија за разгледување се наведени изјава за усогласеност за микро претпријатијата, доброволен преглед за малите и ревизија за средните и големите компании. Конечните решенија би се утврдувале преку стручна анализа и институционална дискусија.

Според ИСОС, поедноставените извештаи треба да ги задржат клучните податоци што им се потребни на сопствениците за носење деловни одлуки, на банките за кредитна процена и на институциите за извршување на нивните надлежности. Затоа, во понатамошната разработка е важно да се вклучат и искуствата на самите компании за обврските што им создаваат трошоци без соодветна информативна корист.Претставените предлози се работна основа за понатамошна дискусија.

На тркалезната маса учествуваа претставници на Министерството за финансии, Управата за јавни приходи и Народната банка. Бизнис-заедницата беше претставена преку Стопанската комора на Северна Македонија, Сојузот на стопански комори, Стопанската комора на Северозападна Македонија, Стопанската комора на Македонија – Турција (МАТТО), како и преку претставници на микро и малите фирми. Во дискусијата се вклучија и претставници на Институтот на овластени ревизори, сметководствени бироа и членови на ИСОС, како и претставници на академската заедница од економските факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетот „Мајка Тереза“ и Универзитетот на Југоисточна Европа од Тетово.

Врз основа на дискусијата, ИСОС ќе подготви предлог-заклучоци и насоки што ќе бидат доставени до сите засегнати страни, како основа за понатамошно разгледување, усогласување на можните решенија и утврдување на конкретните следни чекори.