Јаневска: со оптимизирана училишна мрежа, подобрени услови за настава и учебници за сите ученици, утре започнува новата учебна година
Новата учебна 2026-2027 година започнува утре и наставата за сите ученици ќе трае до 10 јуни, освен за матурантите кои завршуваат на 17 мај. Оптимизирана е училипната мрежа и во голем број училишта условите се значително подобрени. Обезбедени се учебници за сите, а за учениците со посебни образовни потреби, ангажирани се најмногу образовни асистенти досега.
За ова денес на прес конференција, информираше министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, која им посака успех на сите ученици, наставници и стручни соработници.
„Трета година по ред, учебниците се навремено набавени во тираж кој го побараа училиштата. Истите се испорачани и уште утре можат да им бидат поделени на учениците. Задоволство ми е што прашањето за учебници повеќе не е предизвик како во минатото. Годинава, набавени се 622 илјади учебници и остварени се заштеди од 50 милиони денари споредбено со годината пред да го преземам раководењето со оваа институција“, рече Јаневска.
Информираше дека целосно нови учебници во полн тираж се набавени за прво, втор и трето одделение, со оглед дека тоа се учебници во кои има и работни листови, како и за осмо одделение и за втор клас во гимназиско образование, каде ќе се учи по нови наставни програми.
Во 620 училишни објекти од вкупно 1023 во основното и средното образование ќе има едносменска настава. Јаневска рече дека тоа е концепт за кој се залага Владата, затоа што обезбедува повеќе придобивки, а најважни се интересите на децата – поголема концентрација на часовите, поголема социјализација, задржување на училиште доволно за да се совлада целиот материјал и да се стекнат соодветни вештини.
„Ги поддржуваме општините да воведуваат едносменска настава во што повеќе училишта и во таа насока градиме објекти и доградуваме училници. Во моментов министерството и Владата ги прошируваат капацитетите на 14 училишта во Центар, Карпош, Аеродром, Ѓорче, Бутел, Илинден, Гази Баба и Градско, а уште 15 проекти ќе започнеме етапно во следните неколку месеци“, рече министерката.
Додаде дека завршени се реконструктивни активности во 20тина училишни објекти и спортски сали. Се градат и четири нови сали кои многу скоро ќе бидат пуштени во употреба, а потсети и дека преку програмата на Владата за финансирање на капитални проекти во општините, во тек е реализација на 50тина инвестиции за изградби и реконструкции на училишта, за нови спортски сали и училишни базени.
„За да им се олесни процесот на образование на учениците со посебни образовни потреби, ангажираме 1358 образовни асистенти во основното и 166 во средното образование. За учениците кои се на подолго болничко или домашно лекување, ќе потсетам дека е достапна можноста која законски ја уредивме минатата година – да се вклучат онлајн во наставата во класот или пак, наставникот индивидуално да работи со нив“, нагласи Јаневска.
Наставниците и сите други вработени во училиштата, во март 2027 ќе добијат ново покачување на платите помеѓу 7,5 и 10% во зависност од стапката на инфлација. Како што рече министерката, покачувањето е согласно договорот со СОНК од пред две години, а преку кој досега платите пораснаа за над 20%, додека околу 300 наставници и стручни соработници напредуваа во звања ментор и советник, што исто така подразбира зголемен личен приход. Јаневска им се заблагодари за посветеноста кон учениците и рече дека очекува партнерскиот однос да продолжи за да се создаваат сé подобри и подобри генерации.
Укажа дека трендот на намалување на бројот на ученици продолжува. Според пристигнатите податоци во МОН, учебната година ќе ја почнат 238 илјади ученици, од кои 174 илјади основци и 64 илјади средношколци. За прв пат во училишните клупи ќе седнат 14.952 првачиња.
Поради тоа што немаат запишано ученици, од септември времено се затворат 26 подрачни училишта. Вкупната бројка на празни училишни објекти во Македонија, претежно во руралните средини е 148. Негативниот тренд, поттикнува и реорганизација на училишната мрежа и работата на училиштата.
„Процес за кој се заложивме во изминатите неколку месеци е оптимизација на паралелките во постојните училишта, што значи спојување на помалите паралелки една со друга или приклучување кон поголемите, а во интерес на учениците – да бидат во поголемо друштво, да можат подобро да се социјализираат и да се натпреваруваат. Не е тајна дека со години опстојуваа, на пример 2 паралелки со по 2 ученика на иста возраст и во исто училиште. Сега таквите ги обединивме и затоа во образовниот систем ќе имаме 433 паралелки помалку годинава – 222 во основното образование и 211 во средното“, објасни министерката.
Додаде дека иако одредени политички субјекти се обидоа тоа да го претстават како страшен потег и крах на образованието, всушност е позитивна промена во интерес на учениците. Притоа, како што рече – ниту еден редовно вработен наставник не е отпуштен од работа.
Во новата учебна година продолжува грижата за талентираните ученици, која во минатото недостасуваше – министерството ќе ги покрива целосно трошоците за пат и учество на меѓународни научни олимпијади. Во септември семејствата на учениците ќе можат да купуваат училишен прибор со намалена малопродажна цена за најмалку 15%, за што е донесена одлука од страна на Владата. Во октомври ќе бидат објавени конкурсите за ученички стипендии.
Министерство за образование и наука

