Како да останете прибрани на работа: совети за справување со „тешки“ колеги
На работа се среќаваме со најразлични личности – од постојани кавгаџии и озборувачи, до колеги кои одбиваат да соработуваат во тим. За жал, не можеме секогаш да избереме со кого ќе работиме. Затоа е важно да знаеме како да ја зачуваме професионалноста и менталниот мир во такви ситуации.
1. Изберете пристојност, дури и кога е тешко
Може да звучи нелогично да одговорите со љубезност на непријатно однесување, но тоа е една од најефикасните стратегии. Кога не возвраќате со иста мерка, покажувате дека не сакате да влегувате во конфликт и дека сте над ситуацијата. Смиреното и одмерено однесување остава впечаток на зрелост и професионалност – нешто што менаџментот секогаш го забележува.
2. Избегнувајте ги кога е можно
Не секогаш е реално целосно да се избегнат, бидејќи постојат состаноци, тимски задачи и хиерархија. Но, кога имате избор, обидете се да не се задржувате во нивна близина. Ако ручаат во истата просторија – одете на друго место. Ако знаете дека во одредено време секогаш доаѓаат до вашата работна маса, искористете го тој момент за кратка прошетка или промена на работната позиција. Вашиот мир вреди повеќе од тоа.
3. Разговарајте со некој кому му верувате
Доколку однесувањето на колегата е постојано непријатно, обратете се кај претпоставениот или HR одделот. Понекогаш луѓето не се свесни каков впечаток оставаат. Дискретната повратна информација може да биде сигнал за промена. Освен тоа, пријавувањето на проблемот може да помогне и на други кои се во иста ситуација.
4. Разговарајте директно – ако чувствувате дека можете
Доколку се чувствувате доволно сигурно, седнете со колегата и смирено објаснете што ви пречи. Фокусот нека биде на конкретното однесување, а не на неговата личност. Наведете примери и објаснете како тоа влијае врз вашата работа. Важно е да ја слушнете и неговата страна – можеби има причина за која не знаете. Ако е потребно, побарајте неутрална трета личност како посредник.
5. Грижете се за себе
Не можете да го контролирате туѓото однесување, но можете да ја контролирате вашата реакција. Најдете начин да се ослободите од стресот по работа – прошетка, теретана, медитација, добра комедија, масажа или дружење со блиски луѓе. Малку време за себе може да направи голема разлика.
„Тешките“ колеги не можат секогаш да се избегнат, но можете да изберете како ќе реагирате. Професионалноста, поставувањето граници и грижата за сопствената благосостојба се клучни за да го зачувате мирот – дури и во работна средина која тоа не го олеснува.
Извор: BIZLife / К. Ј.

