ПравдаСветот на работникот

Кочовски: Не можам да разберам како народот кој покажа толку жар за Ѓоковиќ, не покажува толкав жар за домашните проблеми

Фејсбук статус на Бобан Кочовски, Претседател на Движењето за социјална правда „Обединети Работници“:
 
Целосно ја разбирам загриженоста на нашиот народ во однос на случувањата околу Џокович и целиот тој процес. Но, никако не можам да разберам како тој ист народ воопшто не го покажува тој жар, таа желба за правда кога се работи за домашните проблеми!
Потребна е поголема реакција и притисок кон владејачката гарнитура во однос на носењето на новиот Закон за работни односи, со цел овој НОВ закон да не биде обликуван само под влијание на работодавачите, туку истиот да биде правичен и за работниците.
Потребно е да се актуелизира проблематиката поврзана со немањето централизирани бази на податоци од областа на повреди при работа, како и вознемирување на работно место. Не можеме да знаеме каква е реалната состојба во ова поле ако ги немаме таквите бази на податоци, а ако не ја знаеме состојбата – како би знаеле каде и колку треба да се промени?
Исто така, треба да го ставиме фокусот на пораст на платите, но не само на минималната! Пораст на пензиите, но не само на најмалата! Секако, за тоа потребно е да ја натераме власта да ги врши вистинските потези во делот на економијата за да имаме вистинска подлога за таквите чекори.
Сосема за крај, на новата локална власт мораме да и дадеме до знаење дека не смее да ги следи чекорите на своите претходници! Кај некои градоначалници и членови на советот гледам позитивни промени и желба за работа, а некаде тоа отсустува, при што промени и “отрезнување“ од победата мора да се случи што поскоро!
Како што имам кажано многу пати претходно, ќе повторам и сега, немам проблем да разговарам со било кого, но и да помогнам на сите кои имаат потреба од помош во делот на трудовата и социјалната проблематика, се додека е во интерес на Република Македонија, а не за лични цели. Промените мораме сите заеднички да ги издејствуваме бидејќи немаме друга татковина.