Кога вработените согоруваат, стратегијата престанува да функционира
Продуктивноста, растот и отпорноста денес сè помалку се кршат на пазарот, а сè повеќе внатре во самите организации. Компаниите сè почесто инвестираат во оптимизација на процеси, дигитални алатки и нови бизнис-модели, но при тоа го занемаруваат основното прашање: дали луѓето што треба да ги изнесат тие промени воопшто имаат капацитет да ги издржат? Кога деловните резултати почнуваат да трпат, причините најчесто се бараат надвор, додека вистинските проблеми тивко се развиваат внатре во компанијата.
Односот меѓу вработените и работодавачите одамна не е ниту едноставен ниту подразбирлив. Некогаш тој беше јасно трансакциски – стабилна работа и сигурност во замена за лојалност и извршување на задачите. Денес, тој однос е многу посложен и покршлив. Вработените очекуваат смисла, праведност, флексибилност и грижа за здравјето, додека работодавачите истовремено бараат побрзи резултати и постојана приспособливост. Кога овие очекувања не се усогласени, притисокот најпрво се пренесува врз луѓето – и токму тука започнуваат проблемите што подоцна ги препознаваме како burnout, пад на ангажираноста и заминување на таленти.
Истражувањата на компаниите Mercer и Marsh покажуваат дека ризиците поврзани со луѓето забрзано растат и дека за првпат постои речиси целосна согласност меѓу HR и Risk менаџерите околу тоа што претставува најголем предизвик за компаниите. Како клучен ризик се издвојува растот на трошоците за здравство и бенефиции, што јасно укажува дека здравјето на вработените повеќе не е прашање на дополнителна погодност, туку стратешко деловно прашање кое директно влијае врз резултатите.
Особено загрижувачки е јазот меѓу перцепцијата на раководството и реалноста на вработените. Додека само една третина од менаџерите сметаат дека занемарувањето на burnout-от ќе има сериозни последици во иднина, дури 83 проценти од вработените веќе денес се чувствуваат во ризик од согорување на работното место. Дополнително, сè поголемиот товар од хронични незаразни болести особено ги погодува помладите генерации, кои треба да бидат носители на идниот раст. И покрај тоа што овие проблеми стануваат сè повидливи, само мал дел од работодавачите имаат ефикасни иницијативи што системски се занимаваат со менталното здравје и психолошката безбедност на работа.
Пошироката слика дополнително ја потврдува сериозноста на предизвикот. Минатата година трошоците за боледувања во Европа достигнаа 470 милијарди евра, односно 2,5 проценти од БДП. Речиси половина од тие боледувања се поврзани со психички состојби – стрес, проблеми со спиењето, синдром на согорување и слични нарушувања. Тоа јасно покажува дека продуктивноста повеќе не зависи само од контрола и процеси, туку од способноста на организациите да создадат услови во кои луѓето можат да работат фокусирано, здраво и долгорочно.
Кога станува збор за ангажираноста и продуктивноста, и раководителите и вработените идентификуваат слични пречки, но од различни перспективи. Менаџерите најчесто укажуваат на преоптовареност со административни задачи, отежнат пристап до релевантни информации, ресурси и експерти, како и на неефикасни организациски структури. Вработените, пак, истакнуваат постојани прекини во текот на работниот ден, недостаток на време за фокусиранa работа и размислување, како и обем на работа кој е долгорочно неодржлив. Добрата вест е дека флексибилните модели на работа и понатаму покажуваат силен потенцијал за зголемување на продуктивноста, бидејќи им овозможуваат на вработените поголема автономија, подобар фокус и поздрав баланс меѓу работата и приватниот живот.
Во Marsh, на овие теми им се пристапува системски – и интерно, во однос на вработените, и преку работата со клиентите. Како советници за ризици, компанијата им помага на организациите да разберат како ризиците поврзани со луѓето влијаат врз нивната продуктивност, отпорност и долгорочни деловни резултати. Тоа подразбира редефинирање на бенефициите и моделите на работа, но и активна превенција на burnout и други психолошки предизвици кои сè почесто влијаат врз ангажираноста на вработените. Заедно со клиентите се развиваат пристапи што вклучуваат поддршка за менталното здравје, психолошки безбедна работна средина и иницијативи како едукативни и советодавни сесии, со цел проблемите да се препознаат навреме и да се адресираат пред да прераснат во сериозен деловен ризик.
Заклучокот е едноставен, но често занемарен. Ризиците поврзани со луѓето повеќе не се само тема на HR одделите. Тие се едно од клучните стратешки прашања за секоја компанија денес. Во регионот и во Србија, каде што веќе сега недостигот од работна сила се издвојува како еден од најголемите деловни ризици, пораката е јасна – ако нема луѓе, нема ни бизнис. Компаниите што тоа ќе го разберат и ќе реагираат навреме ќе бидат оние што долгорочно ќе опстанат, ќе растат и ќе создаваат вистинска вредност.
Извор: BIZLife.rs

