Економија

Колку заостанува Македонија зад најбогатите во Европа?

Македонија се наоѓа на 41. место меѓу 48 европски економии според проектираниот бруто-домашен производ (БДП) по жител за 2026 година, покажуваат податоците од најновото рангирање на „Вижуал капиталист“ (Visual Capitalist), изработено врз основа на октомвриските проекции на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Македонија зад Србија, Црна Гора и Албанија

Според проекциите, БДП по жител во Северна Македонија ќе изнесува 11.762 долари. Од земјите во регионот, пред неа се Србија со 17.126 долари, Црна Гора со 16.211 долари и Албанија со 13.968 долари по жител.

Босна и Херцеговина е рангирана на 43. место со 10.845 долари по жител, додека Украина е последна на листата со 7.075 долари.

Според податоците на ММФ, разликата меѓу Северна Македонија и најбогатите европски економии останува значителна. БДП по жител во Германија, на пример, изнесува 65.699 долари, што е повеќе од пет пати над македонското ниво.

ММФ во април годинава предупреди дека растот на цените на енергијата, поврзан со конфликтите на Блискиот Исток, може повторно да ги засили инфлациските притисоци и да влијае врз економските изгледи на Северна Македонија.

Во Завршната изјава на Мисијата на ММФ беше наведено дека растот на реалниот БДП се очекува да изнесува 3,1 процент во 2026 година, додека инфлацијата би можела да достигне околу 4,5 проценти поради повисоките цени на нафтата. Фондот процени и дека дефицитот на тековната сметка би можел да се прошири на околу 5 проценти од БДП, пред постепено да се намалува во следните години.

Повеќе прочитајте тука