ЕкономијаМакедонија

Купуваат онлајн, плаќаат на врата – половина од онлајн купувачите во Македонија користат само готовина

Новата „Анализа на плаќањето при достава и дигиталните плаќања во е-трговијата во Северна Македонија, 2026“, спроведена од Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија (АЕТСМ) со поддршка на Visa и презентирана на деветтата Регионална конференција за е-трговија во Скопје, открива значителен јаз меѓу пристапот до платежни инструменти и нивната реална употреба.

Иако 75% од возрасните граѓани поседуваат дебитна картичка, дигиталните плаќања сè уште заостануваат.

Во Македонија, 84,3% од возрасното население поседува сметка во финансиска институција, а 75,2% има дебитна картичка. Овие показатели се речиси идентични со оние во Србија и со просекот на економиите со повисок среден доход. Но, кога станува збор за реалната употреба на дигиталните платежни услуги, сликата е значително поинаква. Само 27,4% од возрасните граѓани користеле мобилен телефон или интернет за плаќање сметки, наспроти 61,8% во економиите со повисок среден доход. Слична разлика се забележува и кај користењето мобилен телефон или интернет за купување производи и услуги – 28% во Северна Македонија, наспроти 60,4% кај споредбената група економии.

Со други зборови, проблемот не е толку во тоа дали граѓаните имаат пристап до финансиски инструменти, туку дали и како ги користат.

Купуваат онлајн, но половина плаќаат исклучиво во кеш

Овој јаз станува уште поочигледен кога ќе се погледнат платежните навики на граѓаните кои веќе купуваат преку интернет. Според Global Findex 2025, околу половина од онлајн купувачите во Северна Македонија користеле дигитално плаќање (50%), слично како во Србија (49,3%), додека во економиите со повисок среден доход овој удел достигнува 90,9%.

Микроподатоците од Global Findex 2025 на Светската банка, собрани во 2024 година, овозможуваат подетален увид во начинот на плаќање. Анализата на 263 испитаници кои купувале физички производи преку интернет покажува дека:

● 50% плаќаат исклучиво во готовина при достава;

● 37,2% користат и готовина и онлајн плаќање;

● само 12,7% плаќаат исклучиво онлајн.

Тоа значи дека дури 87,3% од онлајн купувачите користат готовина при достава барем понекогаш, додека само приближно еден од осум купувачи целосно се потпира на дигитално плаќање.

Возраста прави најголема разлика: 82% од онлајн купувачите над 55 години плаќаат исклучиво во готовина

Дополнителната статистичка обработка на микроподатоците открива дека платежните навики значително се разликуваат меѓу генерациите.

Кај онлајн купувачите на возраст од 15 до 34 години, 40,3% плаќаат исклучиво во готовина. Кај лицата од 35 до 54 години овој удел изнесува 49,4%, додека кај купувачите на возраст од 55 години и повеќе достигнува дури 81,8%.

Со други зборови, повеќе од осум од десет повозрасни онлајн купувачи плаќаат исклучиво во готовина при достава.

Дополнителната статистичка анализа покажува дека возраста останува силно поврзана со изборот на готовина и кога се земаат предвид другите демографски и социоекономски карактеристики.

Разлики меѓу градовите и руралните средини, но не и меѓу мажите и жените

Разлики се забележуваат и според местото на живеење и доходот. Во руралните средини, 60% од онлајн купувачите плаќаат исклучиво во готовина, наспроти 41,4% во урбаните средини.

Кај купувачите од двата најниски доходовни квинтили, 66,5% користат исклучиво готовина, додека кај оние од двата највисоки квинтили овој удел изнесува 43,2%.

За разлика од возраста, доходот и местото на живеење, полот речиси и да не прави разлика: 50,5% од жените и 49,6% од мажите кои купуваат онлајн плаќаат исклучиво во готовина.

„Не е доволно граѓаните да купуваат онлајн – важно е и како плаќаат“

„Денес веќе не е доволно да зборуваме само за тоа колку граѓани купуваат онлајн. Треба да погледнеме и како го завршуваат купувањето. Податоците покажуваат еден интересен парадокс – имаме висока распространетост на банкарски сметки и платежни картички, но половина од онлајн купувачите и понатаму плаќаат исклучиво во готовина при достава. Тоа значи дека дигитализацијата на купувањето не значи автоматски и дигитализација на плаќањето. Ако сакаме вистински напредок, треба да работиме на довербата, дигиталната писменост и создавањето услови онлајн плаќањето да биде едноставен, безбеден и привлечен избор за сите генерации“, истакнува д-р Нина Ангеловска Станков, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија.

Решението не е укинување на кешот, туку создавање подобри услови за дигитално плаќање

Наодите укажуваат дека зголемувањето на дигиталните плаќања бара повеќе од развиена техничка инфраструктура. Потребни се активности за градење доверба, едукација на потрошувачите, подобро корисничко искуство и дополнителни стимулации за користење безготовински платежни методи.

Притоа, целта не е укинување на плаќањето при достава, кое и понатаму има важна улога во домашната е-трговија, туку создавање услови дигиталното плаќање постепено да стане попривлечен и попрактичен избор. Овие наоди се дел од пошироката анализа „Анализа на плаќањето при достава и дигиталните плаќања во е-трговијата во Северна Македонија, 2026“, спроведена од Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија со поддршка на Visa. Истражувањето, кое беше презентирано на деветтата Регионална конференција за е-трговија во Скопје, ги анализира платежните навики на потрошувачите, предизвиците и трошоците со кои се соочуваат е-трговците при плаќањето во готовина при достава, како и можните решенија за поголема употреба на дигиталните плаќања. Целта е преку конкретни податоци и препораки да се придонесе кон промена на платежните навики, поголема доверба во онлајн плаќањето и забрзан развој на е-трговијата во земјата.