Вести

Студија: Прекинот на терапијата за слабеење кај дијабетичарите го зголемува ризикот од срцев и мозочен удар

Истражување спроведено на околу 80.000 пациенти со дијабетес тип 2 покажало дека прекинувањето на терапијата со лекови од групата GLP-1 е поврзано со значително зголемен ризик од сериозни кардиоваскуларни настани и смрт.

Лековите за слабеење не само што им помагаат на пациентите да ја намалат телесната тежина, туку можат да придонесат и за намалување на ризикот од срцев и мозочен удар. Сепак, прекинувањето на терапијата може да биде поврзано со сериозни здравствени последици, покажува ново меѓународно истражување.

Според студијата објавена во научното списание „The Lancet Regional Health – Europe“, кај пациентите со дијабетес тип 2 кои ја прекинале терапијата со агонисти на GLP-1 рецепторите, значително се зголемил ризикот од сериозни кардиоваскуларни настани и смрт.

Истражувањето опфатило околу 80.000 лица со дијабетес тип 2, кои немале претходно дијагностицирани кардиоваскуларни заболувања и започнале терапија со лекови од групата GLP-1.

Речиси 60 отсто од пациентите ја прекинале терапијата

Околу 60 отсто од учесниците во истражувањето во одреден момент престанале да ги земаат лековите. Истражувачите потоа споредиле две групи пациенти со слични карактеристики.

Резултатите покажале дека прекинувањето на терапијата било поврзано со двојно поголема веројатност за срцев удар, мозочен удар или смрт поврзана со кардиоваскуларни заболувања во следните три до четири години.

Особено загрижувачки е податокот дека вкупната смртност кај пациентите кои ја прекинале терапијата била дури 4,8 пати повисока.

Истражувањето го предводел Антонио Чериело од болницата IRCCS во Милано, Италија.

Научниците забележале дека факторите како телесната тежина и нивото на гликоза во крвта не се влошиле во толкава мера за сами по себе да го објаснат значителното зголемување на ризикот.

„Овие резултати укажуваат дека континуираната терапија може да биде неопходна за постигнување максимална корист во однос на кардиоваскуларните настани и смртноста“, наведуваат авторите.

Сепак, истражувачите нагласуваат дека станува збор за опсервациска студија, поради што не може со сигурност да се утврди причинско-последична врска. Исто така, истражувањето не овозможило директна споредба со група пациенти кои воопшто не користеле вакви лекови.

„Позитивните ефекти исчезнуваат по прекинувањето“

Резултатите не се изненадување за Јохен Зојферт, раководител на Одделот за ендокринологија и дијабетологија при Универзитетскиот медицински центар во Фрајбург.

„Агонистите на GLP-1 рецепторите дејствуваат само додека ги земате. По прекинувањето на терапијата, позитивните ефекти исчезнуваат“, објаснува тој.

Сепак, Зојферт предупредува дека резултатите добиени кај пациентите со дијабетес тип 2 не треба автоматски да се применуваат и кај лицата кои ги користат овие лекови првенствено за намалување на телесната тежина.

Тој додава дека нема докази оти започнувањето, а потоа и прекинувањето на терапијата создава поголем кардиоваскуларен ризик отколку воопшто некористењето на овие лекови.

Експертите предупредуваат, но бараат внимателно толкување

Роберт Вагнер, раководител на Центарот за клинички испитувања при Германскиот центар за дијабетес, оценува дека студијата претставува дополнително предупредување, но не и доказ дека самиот прекин на терапијата предизвикува срцеви и мозочни удари или смрт.

Според него, не може прецизно да се утврди дали ризикот по прекинувањето на терапијата навистина го надминува почетното ниво, бидејќи во истражувањето немало контролна група која воопшто не користела лекови од групата GLP-1.

Наодите се особено важни бидејќи значителен број пациенти се откажуваат од оваа терапија.

Според проценките на Зојферт, меѓу 30 и 50 отсто од корисниците ја прекинуваат терапијата во првите шест до 12 месеци.

Една од главните причини се несаканите ефекти поврзани со дигестивниот систем, меѓу кои се запекот, мачнината и повраќањето.

Лекарите нагласуваат дека пациентите не треба самостојно да ја прекинуваат или менуваат пропишаната терапија, туку за секоја промена треба да се консултираат со својот лекар.

Ивор: Index.hr