ЕкономијаМакедонија

Македонија релативно отпорна на глобалниот нафтен шок, покажува Анализата на „Фајнанс тинк“

Актуелниот нафтен шок на глобалните пазари најверојатно нема да предизвика силен непосреден инфлаторен удар врз македонската економија, освен ако не дојде до екстремно и долготрајно нарушување на глобалното снабдување со нафта. Ова се наведува во најновото истражување на Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“.

Во анализата се посочува дека настаните на Блискиот Исток создаваат загриженост на енергетските пазари, но нивниот директен ефект врз домашната инфлација се очекува да биде умерен.

Сепак, од Институтот препорачуваат економските политики внимателно да ги следат движењата на глобалните енергетски пазари и можниот пренос на ценовните шокови во домашната економија.

„Иако актуелниот нафтен шок најверојатно нема да создаде силен непосреден инфлаторен удар, во случај на екстремно и нагло зголемување на цената на нафтата, потребно е Владата да биде подготвена да реагира“, наведуваат од „Фајнанс тинк“.

Како можен инструмент за ублажување на ценовниот удар се предлага привремена интервенција преку даночно-акцизната структура на горивата, со што делумно би се амортизирал преносот на глобалниот ценовен шок врз домаќинствата и компаниите.

Од Институтот нагласуваат дека ваквата мерка треба да биде временски ограничена и внимателно дизајнирана за да се зачува фискалната стабилност и да не се нарушат пазарните сигнали на подолг рок.

Анализата има за цел да утврди до кој степен глобалните промени во цената на нафтата се пренесуваат во општото ценовно ниво во македонската економија, како на краток така и на долг рок.