Македонските градежници сè помалку работат во странство – договорите паднале за 72 отсто
Македонските градежни компании бележат значителен пад на работата на странските пазари. Вредноста на договорените градежни работи во странство во периодот од јануари до септември 2026 година изнесува 33,1 милион денари, што е намалување за 72,2 отсто во споредба со истиот период минатата година, кога биле договорени работи во вредност од 119,2 милиони денари.
Намалување има и кај реализацијата на договорените проекти. Македонската градежна оператива во странство во првите девет месеци од годинава извршила градежни работи во вредност од 33,1 милион денари, што е за 64,9 отсто помалку во однос на истиот период лани, кога вредноста на изведените работи достигнала 94,3 милиони денари. Според податоците на Државниот завод за статистика, најголем дел од годинашните градежни активности на македонските компании во странство се концентрирани во Босна и Херцеговина. Таму се договорени и извршени работи во вредност од 25,4 милиони денари, што претставува најголем дел од вкупниот странски ангажман.
На второ место е Србија, каде што македонските градежници договориле и реализирале работи во вредност од 5,3 милиони денари. Во Албанија вредноста изнесува 2,1 милион денари, додека во Чешка се регистрирани градежни работи во вредност од 242 илјади денари. Споредбата со минатата година покажува значителна промена на пазарите на кои работат домашните градежни компании. Во 2025 година, покрај во Босна и Херцеговина и Албанија, македонската оператива имала активности и во Германија, Данска, Црна Гора, Шведска и Исланд.
Годинава, според статистичките податоци, во овие земји не се евидентирани договорени и извршени градежни работи. Податоците укажуваат на силно намалување на присуството на македонската градежна оператива на странските пазари, како во вредноста на новите договори така и во обемот на реализираните проекти.

