Mercedes го стега ременот: На вработените им е одложена исплатата на дополнителниот надоместок
Германскиот автомобилски гигант Mercedes-Benz воведува нови мерки за штедење, а една од првите е одложувањето на исплатата на дополнителниот надоместок за вработените, кој според колективниот договор требаше да биде исплатен во јули.
Засега не е соопштено за кој точен износ станува збор, но според досегашната практика, надоместокот изнесува околу 18,4 проценти од месечната плата.
Во писмо до вработените, раководството на компанијата наведува дека структурните трошоци за производство во Германија, особено трошоците за работна сила, повеќе не се конкурентни во споредба со другите земји.
Истовремено, управата најави разговори со работничкиот совет во текот на наредните недели за можноста за продолжување на работното време без дополнителен надомест. Според важечкиот колективен договор, вработените во моментов работат 35 часа неделно.
„Компанијата и натаму е под огромен притисок да ги намали трошоците, бидејќи цените на производите мора да останат конкурентни“, се наведува во соопштението на управата.
Од Mercedes додаваат дека, и покрај сите напори, состојбата во Германија е драматична.
„Секое ново бирократско барање за фабриките во Германија дополнително ја влошува ценовната конкурентност на автомобилите на Mercedes“, порачуваат од компанијата.
Добивката и приходите бележат значителен пад
Mercedes-Benz веќе подолг период се соочува со сериозни деловни предизвици. Во првиот квартал од годинава оперативниот резултат е намален за 17,2 проценти.
Минатата година добивката се преполови во споредба со претходната – од 10,4 милијарди евра на 5,3 милијарди евра, а и 2024 година веќе беше оценета како тешка за компанијата.
Работењето дополнително го оптоваруваат царините, движењата на девизните курсеви и силната конкуренција на најважниот пазар – Кина. Како последица на тоа, компанијата бележи континуиран пад и на приходите и на профитот.
Mercedes уште минатата година започна програма за намалување на трошоците, со цел да се справи со влошените пазарни услови.
Извор: b92.net

