Светот на работникот

На разговор за работа можат да ви го постават ова прашање – добро размислите пред да одговорите

За разговор за работа можете да се подготвувате со денови, но постои едно прашање кое многумина од кандидатите може да ги доведе во непријатна ситуација – колкава плата моментално примате?

Одговорот може значајно да влије на преговорите за идната плата, а експертите предупредуваат дека кандидатите не мораат нужно да откриваат колку заработуваат моментално. Посебно е важно да се знае како да се одговори, а притоа да не се загрози својата преговарачка позиција.

Во Велика Британија работодавачите имаат право да го прашаат кандидатот колкава му е сегашната плата, но кандидатот нема обврска да им ја каже таа информација.

Кога слична ситуација би се набљудувала на домашниот пазар на труд, треба да се води сметка и за евентуалните одредби на договорот за вработување кои се однесуваат на доверливи информации.

Во Европската унија, сепак, новите правила за транспарентноста на платите носат значајни промени кога станува збор за претходните плати на кандидатите.

Дали работодавачот смее да праша колкава ви е моменталната плата?

Прашањето за парите често е еден од најнепријатните делови од разговорот за работа. И кандидатите и работодавачите неретко се обидуваат да му пристапат внимателно.

Луиз Рад, виша советничка во британската служба за советување на вработени и мирно решавање на работни спорови Acas, вели дека во Велика Британија не постојат прописи кои на работодавачите им забрануваат да ги прашаат кандидатите колкава плата моментално имаат и колкави се нивните очекувања, пренесува BBC.

Доколку работодавачот сака да добие таква информација, би требало на сите кандидати да им ги поставува истите прашања за да имаат рамноправен третман.

Сепак, прашањето за претходната плата веќе со години предизвикува полемики.

Зошто прашањето за претходната плата е спорно?

Пред неколку години покрената е кампањата #EndSalaryHistory, со која работодавачите се повикани да престанат да ги прашуваат идните вработени за тоа колку заработувале на претходните работни места.

Организацијата Fawcett Society, која се залага за правата на жените и родовата рамноправност, предупредила дека потпирањето на претходните плати во текот на одредувањето на новите може да придонесе да се одржат постоечките нееднаквости во платите.

Наместо идната плата да се одредува на основа на вештините, искуството, одговорностите и резултатите на кандидатите, претходната плата може да стане појдовна точка за новата понуда.

Иницијативата ја поддржала и Конфедерацијата за вработување и регрутација, која ги повикала регрутерите на кандидатите да не им поставуваат прашања за претходните плати.

Европската унија ги менува правилата за платите

Новите правила на Европската унија за транспаретност на платите дополнително го менуваат начинот на кој работодавачите ќе можат да разговараат со кандидатите за пари.

Според новите правила, работодавачите нема да можат да ги прашуваат кандидатите за нивната претходна плата.

Велика Британија, која повеќе не е членка на Европската унија, не планира иста забрана. Таму фокусот, помеѓу другото, е на поголемата транспарентност на податоците за платите при вработување.

Како да одговорите кога ве прашуваат колку моментално заработувате?

Кандидатот може да ја открие својата моментална плата доколку тоа го сака, но експертите предупредуваат дека лажењето за износот не е добра стратегија.

Некои граѓани со кои BBC разговарал во Лондон рекле дека би навеле поголема плата од онаа која навистина ја примаат за да обезбедат подобра понуда кај новиот работодавач. Меѓутоа, последиците од давањето на неточни информации можат да бидат поголеми од потенцијалната корист.

Една од можностите е разговорот да го пренасочите од моменталната плата на платата која ја очекувате на работното место.

Кандидатот може да го наведе очекуваниот распон и да ги образложи своето искуство, вештини и одговорности кои новата позиција ги носи и информациите за платите на пазарот.

Регрутерските агенции токму затоа често ги советуваат кандидатите фокусот да го префрлат на она што можат да му го понудат на идниот работодавач, наместо претходната плата да биде мерило на нивната вредност.

Шазија Ејаз, директорка за кампањи во Конфедерацијата за вработување и регрутација, им советува на кандидатите за платата да зборуваат „реалистично, но и самоуверено“.

Кандидатите кои пред разговорот ќе се информираат за распонот на платата за одредена позиција и умеат јасно да објаснат каква вредност можат да и’ донесат на компанијата, имаат поголеми шани да бидат успешни на разговорот за работа.

Извор: Bizportal.rs