СветСветот на работникот

Најголемиот европски производител на автомобили најави масовни отпуштања: Причина е најнискиот профит во последните 10 години

Германската автомобилска компанија Volkswagen соопшти дека планира до 2030 година да укине околу 50.000 работни места во Германија, откако нејзиниот профит падна на најниско ниво од 2016 година.

Извршниот директор на компанијата, Оливер Блум, им изјави на акционерите дека намалувањето на бројот на вработени ќе се однесува на Германија и ќе ја опфати целата групација, вклучително и брендовите Audi и Porsche.

Најголемиот европски производител на автомобили наведува дека нето-добивката по оданочување во 2025 година паднала за околу 44 проценти. Од компанијата истакнуваат дека на падот на профитот влијаеле американските увозни царини, силната конкуренција од Кина, како и високите трошоци за реструктуирање поврзани со преминот кон производство на електрични возила.

Иако компанијата очекува закрепнување во текот на следната година, нејзиниот финансиски директор предупреди дека фирмата ќе мора значително да се фокусира на намалување на трошоците.

„Севкупно, планирано е до 2030 година во рамките на групацијата Volkswagen во Германија да се укинат околу 50.000 работни места“, наведува Блум во писмото до акционерите објавено во годишниот извештај на компанијата.

Тој додаде дека компанијата денес работи во „суштински поинакво деловно опкружување“.

Отпуштањата беа најавени и претходно

Групацијата веќе постигнала договор со синдикатите за намалување на повеќе од 35.000 работни места низ Германија, кое треба да се реализира на „социјално одговорен начин“ до 2030 година, со цел да се остварат заштеди од околу 15 милијарди евра.

Volkswagen, заедно со другите германски производители на автомобили, е сериозно погоден од падот на побарувачката за своите возила во Кина, која претходно беше едно од најпрофитабилните пазари. Во исто време, кинеските брендови сè поагресивно навлегуваат на европскиот пазар, што дополнително ја зголемува конкуренцијата.

Ситуацијата дополнително се усложни по одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе 25 отсто царини за увоз на автомобили.

Според годишните финансиски резултати на Volkswagen, нето-профитот по оданочување минатата година паднал од 12,4 милијарди евра на 6,9 милијарди евра.

За 2026 година компанијата очекува оперативна профитна маржа меѓу четири и 5,5 проценти, што потенцијално би можело да биде дури и пониско од годинашните 4,6 проценти.

Финансискиот директор на компанијата, Арно Антлиц, предупреди дека сегашната профитна маржа „на долг рок не е доволна“ и нагласи дека се неопходни дополнителни мерки за намалување на трошоците.

„Тоа можеме да го постигнеме само ако продолжиме решително да ги намалуваме трошоците. На тоа ќе се фокусираме во наредните месеци“, изјави Антлиц.

Извор: EUpravo zato