Светот на работникот

Не е доволно само добро да ја работите работата: Како да останете релевантни во ерата на ВИ

Да бидете добри во својата работа повеќе не е доволно за долгорочно да останете важни во една организација. Промените на пазарот, новите очекувања на работодавачите и сè пошироката употреба на ВИ го менуваат начинот на кој се проценува професионалната вредност на вработените.

Професионалната релевантност не почнува да исчезнува дури кога ќе престанете да ги поседувате потребните знаења и вештини. Понекогаш првите знаци се појавуваат многу порано – кога колегите престануваат да го бараат вашето мислење, кога дознавате за важни одлуки дури откако се донесени или кога вашата работа се сведува само на извршување задачи.

Прашањето е како да препознаете дека тоа се случува и што можете да направите за да ја промените ситуацијата.

Кога колегите престануваат да ви носат проблеми

Еден од најочигледните знаци дека ја губите професионалната релевантност е кога колегите повеќе не ви се обраќаат за проблеми што треба да се решат.

Многу професионалци промената прво ја бараат во своите технички знаења и способности. Но, нивната вредност може да почне да слабее и на организациско и на социјално ниво.

Ако колегите ве заобиколуваат, а за важните одлуки дознавате дури откако се донесени, можеби е време да го промените пристапот.

Еден начин да ја вратите својата позиција е да пронајдете проблем кој моментално нема јасно задолжено лице и да преземете одговорност за неговото решавање.

Важно е притоа процесот да биде транспарентен – да споделувате што сте научиле и да покажете конкретен резултат.

На пример, оперативен менаџер кој главно се занимавал со извештаи презел долгогодишен проблем со заостанати нарачки кој никој не го решавал. Откако систематски го решил проблемот и го документирал процесот за целиот тим, раководството повторно почнало да го вклучува во носењето одлуки.

Пораката е јасна: професионалната релевантност не се враќа со инсистирање на титулата или позицијата, туку со решавање вистински проблеми.

Кога ќе престанете да поставувате прашања

Друг знак може да биде моментот кога од човек кој постојано го преиспитува начинот на работа ќе станете некој кој само ги извршува задачите.

Прашањата како „Зошто ова го правиме вака?“ или „Дали постои подобро решение?“ не се знак на неискуство. Напротив, љубопитноста може да биде една од најважните професионални навики.

Еден од советите е да направите едноставен експеримент: во текот на една недела обидете се да поставувате повеќе прашања отколку што давате одговори.

Не станува збор за тоа да оставите впечаток, туку навистина да проверите што не разбирате, кои претпоставки ги правите и дали би му пристапиле поинаку на проблемот доколку го гледате со „свежи очи“.

Кога ќе престанеме да бидеме заинтересирани за сопствената работа, ризикуваме да почнеме да заостануваме зад промените што веќе се случуваат околу нас.

Не нудете веднаш решение – прво откријте го вистинскиот проблем

Професионалната релевантност може да ослаби и кога автоматски нудиме решение пред добро да разбереме зошто воопшто се појавил проблемот.

Да замислиме дека компанија бара обука за комуникација. Наместо веднаш да се бара предавач, програма и термин, стратешкиот пристап би започнал со друго прашање: што се случува во компанијата поради што комуникацијата одеднаш станала проблем?

Можеби бројот на поплаки од клиентите се зголемил затоа што одделите не соработуваат доволно добро. Можеби менаџерите не им ги пренесуваат јасно приоритетите на вработените. А можеби комуникацијата воопшто не е вистинскиот проблем.

Затоа е поважно да се разбере кој деловен резултат сака да го постигне организацијата, отколку само да се исполни барањето што е поставено пред вас.

Таквиот пристап ја менува и улогата на вработениот – од човек кој извршува задачи во професионалец кој учествува во решавањето на деловни проблеми.

Кога од вас се бара само да ја завршите работата, а не да кажете што мислите

На почетокот на кариерата голема предност е да бидете личност на која сите можат да се потпрат кога нешто треба да се заврши.

Проблемот настанува ако тоа остане единствената причина поради која колегите и клиентите ви се обраќаат.

Како што се менуваат индустриите и начинот на работење, сè повеќе се вреднува способноста да се согледа пошироката слика, да се процени ситуацијата и да се понуди поинаква перспектива.

Затоа може да биде корисно своето професионално мислење да го споделувате и надвор од непосредната работна средина – преку стручни текстови, LinkedIn или други канали што одговараат на вашата професија.

Целта не е да бидете активни на социјалните мрежи само заради видливост. Самото формулирање и аргументирање на сопственото мислење може да ви помогне подобро да разберете во што се состои вашата професионална вредност.

Со други зборови, не е доволно само да покажете што знаете да направите. Важно е да покажете и како размислувате.

Не мерете само колку сте завршиле, туку што сте промениле

Уште еден знак на професионална стагнација е кога резултатите ги опишувате само преку бројот на завршени задачи.

Бројот на состаноци, испратени мејлови, изработени извештаи или објавени содржини покажува колку работа сте завршиле, но не мора да кажува ништо за нејзиното вистинско влијание.

Многу покорисно е да се прашате што променил вашиот труд во организацијата.

Дали донел дополнителен приход? Дали ги намалил трошоците? Дали заштедил време, го намалил ризикот или подобрил одреден процес?

Во еден пример од маркетингот, еден менаџер својот придонес го мерел преку 20 нови креативни материјали месечно. Друг, пак, ги анализирал резултатите и открил дека три застарени формати непотребно ги зголемувале трошоците за привлекување клиенти. Со нивното отстранување, трошокот бил намален за 12 проценти.

Разликата е меѓу: „Завршив 20 задачи“ и „Мојата работа донесе конкретен деловен резултат“.

Научете да ја користите ВИ пред таа да ве престигне

ВИ дополнително го менува начинот на кој ја гледаме професионалната вредност.

Ако дел од вашата работа се темели на задача што ВИ сега може да ја заврши за неколку минути, фактот дека вие истата работа сте ја правеле со години повеќе не е доволна предност.

Тоа не значи дека треба да се натпреварувате со технологијата.

Напротив, вредноста сè повеќе се префрла кон способноста да знаете кога да користите ВИ, кога да ги проверите нејзините резултати и како тие резултати да ги претворите во конкретна деловна корист.

Добар пример се регрутерите. ВИ може да помогне при почетниот преглед на биографиите, но тоа истовремено им остава повеќе време на регрутерите за активности кои потешко се автоматизираат – градење односи со кандидатите и поквалитетно донесување одлуки заедно со менаџерите.

Затоа е корисно да пронајдете дел од вашата работа каде што ВИ веќе може да помогне и да научите како правилно да ја користите.

Вашата предност не мора да биде во тоа што можете да работите повеќе од технологијата, туку во тоа што подобро разбирате кога и како технологијата треба да се користи.

Релевантноста не се зачувува со работа по старо

Промената на професионалната вредност не значи секогаш дека некој лошо си ја работи работата.

Понекогаш значи токму спротивното – човекот толку долго бил успешен во она што го работи што не забележал дека самата работа во меѓувреме се променила.

Затоа повремено треба да застанеме и да се запрашаме:

Кои проблеми ги решавам денес? Дали луѓето го бараат моето мислење или само моето извршување? Можам ли мојата работа да ја поврзам со конкретни резултати? Каде можам да ги искористам новите технологии за да бидам подобар во она што го работам?

Во време на брзи промени, професионалната одржливост не значи само усовршување на постоечките вештини.

Таа подразбира подготвеност да го менуваме начинот на размислување, да учиме нови работи и повторно да дефинираме каде можеме да бидеме најкорисни.

Затоа, долгорочно највредни не се нужно оние кои работат најмногу, туку оние кои знаат да препознаат што е навистина важно и да одговорат на тоа.

Извор: BIZLife